Под мотото „По врвиците на борбата за македонска државност“ на 1 август во струшкото село Глобочица ќе се одржи првиот спортски фестивал „Илинден 2022“, во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ од Струга, во соработка со повеќе спортски клубови, спортисти, рекреативци, ентузијасти…
Манифестацијата, како што информираше денеска на прес-конференција претседтаелот на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ Коста Хиохи, ќе почне од Мостот на поезијата, а ќе заврши во селото Глобочица.
Стартот ќе биде од Мостот на поезијата. Кајакарите ќе пловат низ реката Црн Дрим, при што ќе продолжи неколку годишниот маратон „Весламе за ретките“, а од двете страни на реката ќе возат велосипедисти, кои ќе одат по неколку патеки. Друмски велосипедизам ќе се вози на патеката Струга – Дебар – Глобочица – Струга, планински велосипедизам на две патеки Струга – Ложани/Драслајца – Биџево – Мислодежда – Локов – Селци – Глобочица и Струга – Ложани/Драслајца – Биџево – Мислодежда – Глобочица. Планинарите пак ќе тргнат од селото Ташмаруништа. Сите заедно по различни патеки ќе стигнеме до Глобочица, село кое е крстопат на сите историски случувања, каде е предвидено заедничко дружење, истака Хиохи.
Според него, предвидено е да бидат посетени сите места каде се одиграле важни историски настани во Општина Струга, почнувајќи од градот, па селата Драслајца, Мороишта, Ташмаруништа, Селци, Локов…
Концептот на спортските активности опфаќа и посета сите значајни места за историјата на Македонија и македонскиот народ: спомен-обележјата и гробовите во Ташмаруништа каде се погребани востаниците од Ложани и Драслајца загинати во една од најголемите битки за време на Илинденското востание, посета на спомен-обележјето во Локов, каде е формирана Првата македонска ударна бригада, посета на Селци, родното место на Војдан Чернодрински и Арсениј Јовков…, рече Хиохи.
Преку спортскиот фестивал, организаторите сакаат да испратат порака дека и Струга е важна историска и културолошка локација во државата и оти недоволно е застапена во одбележувања на големите историски настани.
Идејата беше да се направи едно обединување на сите спортски чинители во Струга, односно сите ние кои практикуваме природнички спортови, како што се планински велосипедизам, велосипедизам, кајакарење, суп веслање, планинарење… Се обединивме неколку спорткси субјекти и дојдовме до идеја да направиме спортски фестивал каде ќе го прославуваме спортот и нашиот голем национален празник Илинден, обединувајќи ги двата Илиндени, односно Илинденското востание и борбата против фашизмот, појасни Хиохи.
Спортскиот фестивал „Илинден 2022“ е во организација на „Соларис“ во соработка со клубот за друмски велосипедизам „Фаланга“, клубовите за планински велосипедизам „Рупикапра“ и
„Караула” , планинарско еколошко друштво „Закамен“, како и со учество на сите други заинтересирани клубови, спортисти, ентузијасти, професионалци и аматери, а со поддршка и помош од Црвен крст – Струга.
OhridNews