Македонската кошаркарска селекција вечерва во Коимбра Португалија ќе ја има првата од двете меч топки за пласман на ЕП 2009 година во Полска.

Во мечот со Португалија ќе влеземе како фаворити,за што говори податокот кој вели 6 победи во претходните 7 квалификациски средби, од кои 2 на гости.

Македонија на првиот натпревар славеше со високи 85:48, започнувајќи ја  серијата од 3 победи по ред, која не стави на чекор од пласман на евросамитот во Полска.

„Црвено-жолтите“  може да обезбедат евро место, доколку слават на гостувањето кај Португалија и доколку Италија во групата „А“ ја победи Бугарија.

Португалците нема да бидат потценети. Не смее да не залажува високата победа во Скопје. На тој натпревар нивниот прв плејмејкер Фернандеш се повреди на стартот, и тоа беше голем хендикеп за нив. Покрај тоа, играат на домашен терен, а по победата во Естонија, ќе се обидат со сите сили да не изненадат и да го избегнат разигрувањето за опстанок во “А“ Дивизијата. Останувам оптимист и верувам во наша победа во Португалија. – изјави македонскиот селектор Јовица Арсиќ.

Натпреварот Португалија – Македонија се игра во Коимбра, со почеток во 22.00 часот македонско време.

М.П.