Во рамки на одбележувањето на неделата на Промоција на хумани вредности, Црвен крст Охрид ќе организира поетски читања, при што младите ќе имаат можност да истражуваат кои поети твореле во нашата средина и истото преку читање на извадоци од нивните дела, да го презентираат пред публиката. Настанот ќе се реализира на 26- ти септември, сабота, на платото на малиот плоштад-фонтана кај „Мини маркет“ со почеток во 18 часот.
Преку поезијата младинците на Црвен крст Охрид ќе испратат порака за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, взаемната доверба и разбирање кои се меѓу најдобрите гаранции за мирот и соживотот, а сите ние како дел од заедницата во која живееме имаме одговорност да дејствуваме.
Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р.Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која веќе 17 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, и при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата.
Секоја година покрај обуката за дисеминација 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 13 до 17 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добробит на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2015, изработени се 192 мали проекти преку кои им е дирекно помогнато на околу 4000 лица. Имајќи ја предвид Стратегијата 2020 на Црвениот крст на Р. Македонија, во која третата стратешка цел е унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир, од пред 4 години е воведена нова недела во традиционалниот календар на активности, недела на Промоција на хумани вредности, од 21-27 септември.
OhridNews