Вкупно 6.130 работни места се отворени досега преку проектот „Македонија вработува“, информира денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој потенцира дека проектот дава резултати и постојано се зголемува бројот на отворени работни места.

–Значајно е да се истакне дека од овие 6.130 отворени работни места, околу 1.250 се лица над 50 години. Тоа значи огромна шанса за вработување и за повозрасните категории на граѓани, меѓутоа, исто така, и кај младите се значајни бројките, односно кај онаа категорија за лица до 35 години досега се вработија над 2.200 лица, рече Спасов, одговарајќи на новинарски прашања при престојот во Валандово.

Проектот „Македонија вработува“ досега го искористиле над 4.000 компании што, посочи Спасов, е огромна поддршка за приватниот сектор во држава за да отвора нови работни места и да го развива бизнисот.

–Овој проект и понатаму продолжува да се реализира. Игра значајна улога и претставува значаен фактор во намалување на невработеноста во нашата држава. Таа заклучно со вториот квартал, според податоците коишто ги објави Државниот завод за статистика изнесува 26,8 проценти, односно е на рекордно најниско ниво. Очекуваме и понатаму овој проект да игра клучна улога во намалување на невработеноста во нашата држава и во создавање и креирање нови работни места, истакна министерот за труд.

OhridNews

Изво: „МИА“