Краток историјат за охридската градинка врз основа на историски документи во перидот од 1950 до 1990 година е прикажан во книгата Детска градинка „Јасна Ристеска“ од д-р Никола Митровиќ која беше денес промовирана, ден пред одбележувањето на 7-ми Ноември, Денот на ослободување на Охрид, како и 60 годишниот јубилеј на градинката „Јасна Рситеска“.

Авторот на книгата Митровиќ вели овој краток историјат кој скоро седум или осум години седел во фиока, го доживува светлото на денот по поддршката која ја добива од страна на градоначалникот Кирил Пецаков кој, вели, смогна сили и ентузијазам токму во пресрет на овој ден во рекордно време истата да биде објавена.

Случајно истражувајќи ги фондовите за градскиот и општинскиот народен одбор наидов на документи кои досега не беа истражувани, а припаѓаа на историјатот на самата градинка. Знам дека е пишувано многу за оваа градинка, но ова може да биде и компилација на претходните и да се создаде една навистина типична монографија за историјатот на градинката, бидејќи овде спаѓаат некои историски документи кои за првпат се согледуваат во јавноста. Всушност и овој краток историјат е приказ на тие документи и јас само ги опишувам. Ова дело може да се сфати како мотив, поттик или дополнување на се она што досега е напишано или она што отсега ќе се напише. Историјатот на една институција не може секогаш во целот да биде пополнет, рече Митровиќ.

Потенцираше дека Историскиот архив секогаш излегува во пресрет за било која свеченост која се однесува на локалната историја, а неизоставен дел од таа локална историја е токму предучилишната едукација односно оваа институција.

Во книгата се опфатени начинот на кој била формирана, начинот на кој се развивала или унапредувала самата институција, како и податоци и слики на деца кои учеле во одреден период тука, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Кога разговаравме околу идејата за вакво издание веднаш наиде на поддршка од моја страна, бидејќи ова е само еден мал дел од тоа што изминатиов период Историскиот архив го прави. Градинката успешно функционира и е пример за образовна институција во предучилишна возраст со која сите ние се гордееме. Токму затоа како локална самоуправа, настрана од ова издание кое претставува паметник за минатото, вложуваме и ќе вложуваме во иднина во реконструкција на сите објекти, дел по дел. Веќе е започната скоро во сите објекти, а ќе продолжи и понатаму. Круна на се во зависност од тоа како ќе се одвиваат урбанистичките планови е и изградба и на еден нов објект кој е во најава, а процедурата е почната, рече Пецаков.

Потенцираше дека меморандумот за соработка кој ќе следи помеѓу Општина Охрид и Историскиот архив ќе доведе и до нови идеи и нови проекти и изданија кои ќе останат да не потсетуваат на се тоа што се случувало.

Тие што читаат книги знаат дека тие се едно посебно дело, никогаш не излегуваат од мода и секоја книга претставува своја посебна приказна, па таква е и оваа за нашата градинка „Јасна Ристеска“ рече директорката на установата Ирина Милеска.

Во книгата можеме да забележиме интересни факти и податоци каков бил начинот на основање на првата градинка, условите во кои работеле вработените и условите во кои дечињата секојдневно ја посетувале градинката. Денес како тим, како установата се грижиме да ги подобриме условите за работа во градинката. Секогаш ќе се вложуваме да се подобрат условите, ќе се посветиме на работењето со дечињата со голема љубов, трпение и внимание. Се надевам дека ќе имаме сеуште многубројни идни генерации и уште многубројни јубилеи, потенцираше Милеска, потесетувајќи дека свеченaта приредба по повод јубилејот 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” ќе се одржи утре во СРЦ „Билјанини извори“ (спортска сала) од 17 часот.

Во рамки на свечената промоција на книгата настапија КУД „Гердан од бисери“ и младите балерини од „Натали студио“.

Книгата е издадена со поддршка од Општина Охрид, а беше потенцира дека истата нема да изостане и во моментот кога ќе има доволен број на материјал за градинката и за периодот по 1990 година.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски