Синоќа пристигнаа 38.400 вакцини од производителот Астра Зенека кои ги обезбедивме преку Ковакс механизмот, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Како што најави, вакцините ќе бидат наменети за ревакцинација и вакцинација на граѓани над 60 години.

Утрово во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје пристигна донација од уште 100.000 вакцини од „Синофарм“ од Народна Република Кина. На приемот на донацијата присуствуваа министрите за здравство и за одбрана, Венко Филипче и Радмила Шекеринска, како и кинескиот амбасадор Џанг Ѕу.

Според Филипче и Шекеринска, ова е вистинска помош во вистинско време.

Ова е вистинска помош во вистинско време и ќе ни даде шанса да продолжине со вакцинацијата на припадниците на Армијата, но вакцини ќе бидат отстапени и за јавното здравство, како и за граѓаните, напомена Шекеринска.

Ова е значајна количина вакцини која за бројот на население како нашето значително може да ја смени епидемиолошката слика. Со донацијата се потврдува партнерството меѓу двете земји. Се надевам дека соработката ќе продолжи, истакна министерот за здравство.

Филипче нагласи дека имунизацијата во земјава ќе продолжи по приоритет, согласно возраста на граѓаните. – Вакцинацијата е единственото оружје, повтори Филипче.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕу рече дека ова е уште една конкретна акција за помош на македонските граѓани и демонстрирање на духот на протјателство.

Кина, како што додаде амбасадорот Ѕу, е подготвена да го поддржи македонскиот народ во ова време на пандемија.

Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава.

На крајот на минатиот месец во земјава пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“ што Владата ги набави од производителот, а најавени се и 500.000 вакцини „Синовак“.

 

OhridNews