Многу е важно да знаеме кон што ги насочуваме нашите ресурси и време за тие да имаат максимален импакт и да носат високо продуктивни резултати. Мора да се специјализираме во одредена област кон која ќе ги насочиме знаењата, науката и истражувањето, финансиите,… и да се потрудиме токму таа или тие неколку области да ги развиваме, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Од денеска па во следните неколку месеци ќе бидат организирани повеќе јавни настани поврзани со процесот на изработка на стратегијата за паметна специјализација. Важно е преку инклузивен процес да вклучиме што повеќе луѓе во креирањето на овој стратешки документ што е еден од предусловите за поголема конкурентност. Преку процесот на паметна специјализација ќе детектираме области кои ќе бидат наша специјалност и со кој ќе можеме да конкурираме и на останатите од европското семејство. Ако Германија нуди автомобили, Хрватска туризам, а во последно време и автомобили, Норвешка има нафтени деривати, Италија прехранбени продукти, тогаш што е тоа што ние ќе го понудиме на глобалниот пазар, рече Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека сега сме во фаза на изработка на стратегијата за паметна специјализација која, како што рече, подразбира претприемничко откривање, во која преку принципот од базата кон врвот повеќе категории на општествени чинители ќе дадат удел во попрецизно дефинирање на областите за кои би требало да се специјализираме.
Ќе ја развијат меѓусебната доверба, ќе постават заеднички цели и нормално очекуваме да трасираат пат за остварување на тие цели. Ова е модерен пристап на економски развој кој ги поврзува знаењето, иновациите, бизнисот и институциите. Овој процес е со голема поддршка од страна на Светска банка, ГИЗ, Програмата финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а подоцна очекуваме да се вклучи и Развојната банка и други институции, посочи Битиќи.
Потсети дека лани започна процес за креирање на Националната развојна стратегија 2021-2041.
Овој стратешки документ во себе ќе ги инкорпорира сите важни стратешки документи кои нашата држава ги разви, вклучително и стратегијата за паметна специјализација и областите на нашата специјалност кој процесот ќе ги идентификува. Многу е важно да знаеме кон што ги насочуваме нашите ресурси и време за тие да имаат максимален импакт и да носат високо продуктивни резултати, потенцира Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека има општествен консензус оти е неопходна изработка на еден ваков документ во чија изработка се вклучени бројни општествени чинители, а во следниот период, како што рече, најверојатно ќе бидат вклучени уште повеќе.
Како министер за економија очекувам од срединава на годинава да имаме нацрт-документ за чија конечна верзија повторно ќе одлучиме сите заедно – науката, бизнисот и општеството во целина. Веќе видовме дека стратегијата за паметна специјализација дава позитивен ефект кај многу од земјите членки на ЕУ. Ќе ги земам за пример Хрватска и Словенија. Ги разгледавме нивните позитивни искуства и констатиравме дека и ние како земја имаме капацитет да изработиме таков стратешки документ, а воедно откако ќе биде финалната верзија да го имплементираме, потенцира Бектеши.
Ефектот од тоа, како што нагласи, ќе биде повеќекратен, ќе знаеме точно, каде, во кои области имаме добар потенцијал што може да се искористи и што треба да направиме.
Треба да го одбереме најдобриот пристап за да го оствариме целосно тој потенцијал. Со самото усвојување на овој документ нам како земја ни се отвораат нови финансиски можности. Всушност, оваа стратегија е предуслов за искористување на структурните фондови на ЕУ, а тоа се пари кои ќе значат стимулација на нови мерки и активности во областа на образованието, економијата, развој на иновации и генерално на науката во нашата држава, рече Бектеши.
Истакна дека сме на добар пат да направиме долгорочна стратегија за развој на државата од која, потенцира, нема да има отстапки во иднина без разлика дали некогаш би имало промени на министерските позиции, на другите институции и генерално на владините мандатари.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека од денеска започнува нова фаза од инклузивниот процес на креирање на стратегија за паметна специјализација како еден стратешки документ кој ќе биде нов во земјава, а години назад е пракса во сите земји на ЕУ.
Овој документ треба да овозможи утврдување на најпогодните области во кои треба да инвестираме согласно ресурси и потенцијали за да постигнеме најбрз и најголем напредок како држава. Ова е процес кој е започнат пред три години. Вклучени се институции на системот, координирани од Владата, МОН и од Министерството за економија, но најважни учесници се бизнис заедницата, научно академската фела и невладиниот сектор. Овие четири страни заеднички работеа и веќе првично ги детектираа областите во кои има потенцијал за голем развој и кон кој треба да се насочи земјава, истакна Шаќири.
Се работи, како што кажа, за четири сегменти детектирани согласно методологијата на заедничкиот Истражувачки центар на Европската комисија, а тоа се паметно земјоделство и прехранбена индустрија, информатичко-комуникациска индустрија, индустрија 4,0 каде спаѓа електромашинска, металопреработувачка и автомобилска индустрија и последната област, паметни објекти и материјали.
Нотирано е дека треба да се вложува и во туризмот и во енергетиката како сегменти кои ги поврзуваат четирите области. За секоја од четирите области формирани се посебни работни групи и тие од денеска започнуваат интерни дебати кои ќе траат до крајот на мај со цел јакнење на меѓусебната доверба, промовирање на нови форми на соработка, детално скенирање на потенцијалните области за инвестирање и департизирање на најдобриот пристап за тоа како и што ќе се вложи во тие области, потенцира Шаќири.
OhridNews