Еко – свест Вевчани постави инфо табли по кејот на Вевчанска река со пораки за подигање на чистотата и потсетување на посетителите и локалното население за важноста на водата и одржувањето чиста вода, без отпад. Информативните табли се поставени како дел од проектот „Собирај, рециклирај, креирај – од рециклирана пластика до иновација” финансиран од ПМГ ГЕФ, a спроведуван од Еко-свест Вевчани во партнерство со Ј.П. Еремја Вевчани.

Идејата за поставување инфо-табли, како што појаснија од Еко – свест Вевчани, е да се информира локалното население и посетителите за придонесот од селекцијата на отпадот кон заштита на водите.

Во рамките на проектот, додаваат, набавени се и канти за селектирање отпад од пластични шишиња и поставени се на најфреквентните локации низ Вевчани. Целта е подобрување на инфраструктурата за собирање и селектирање на отпадот од пластика.

Собраните пластични шишиња ќе бидат рециклирани со воведување на иновативен третман, односно со 3Д печатар и добивање на суровина потребна за 3Д печатење од рециклирани пластични шишиња. Со тоа, ќе се комплетира зелениот круг на рециклирање на пластичното шише, од отпад до 3Д печатен производ, велат од Еко – свест Вевчани.

Преку проектот, основните училишта „Страшо Пинџур” од Вевчани и „Единство“ од Октиси ќе добијат донација од 3Д печатар и Екструдер за филамент за практична реупотреба на пластиката и запознавање со процесот на рециклирање.

Како дел од овој проект, според информацијата, ќе биде спроведена и јавна кампања преку социјални медиуми, активни работилници со ученици и презентации со цел информирање на локалното население како правилно да се селектира и рециклира отпадот од пластика и важноста од одржувањето на чистотата во Вевчани.

OhridNews

Фото: Еко – свест Вевчани