Промовирање на можностите кои ги нуди дуалното образование, споделување на позитивните искуства, но и прилагодување на наставните програми на потребите на компаниите беше целта на работната средба „Учи паметно, работи стручно“ која денес се одржа во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид, Сашо Недески истакна дека преку работната средба помеѓу трите стручни училишта и претставници од компаниите целта е да се разменат мислења што е позитивно што негативно за да се подобри врската меѓу нив, како и наставните планови и програми да се прилагодат на потребите на компаниите.

Оваа учебна година од 820 ученици во ЕМУЦ во Охрид, 450 се во дуална настава. Две генерации веќе завршија во дуалното образование и од нив неколку се веќе вработени во ЛТХ И Костал. Тие со подобар успех продолжуваат на факултет за што се расположени компаниите да ги стипендираат за по завршување на факултет да ги примат кај нив на работа. Имаме соработка за во дуално образование со 40 компании, додаде Недески.

Општина Охрид дава силна поддршка на процесот на дуалното образование кој е на државно ниво во рамки на Министерството за образование и наука истакна Димитар Спасески, раководител на Сектор за образование, детска здравствена и социјална заштита.

Дополнително Општината вложува сериозни средства во изградба на објектите, подобрување на условите, набавка на потребните средства за изведување настава. Дополнително со компаниите имаме склучено меморандуми за соработка и децата таму ја обавуваат практичната настава, што е особено значајно. Кога на крајот се ќе се земе во предвид, навистина даваат голем бенефит за самите ученици, а и самите компании добиваат едуциран кадар. Бенефитот е дека економијата се движи напред, зошто компаниите се сериозни заинтересирани за овој процес од една страна, од друга децата добиваат едукација уште во училишните клупи и паралелно ги наоѓаат контурите кај идниот работодавач, вели Спасески.

Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски истакна дека стручното средно образование игра важна улога во формирањето на квалитетен кадар за фирмите и бизнисот, потенцирајќи дека компаниите добиваат способни работници кои брзо можат да се интегрираат во работниот процес и да придонесат кон растот и успешноста на истите.

Затоа од исклучителна важност е ажурирањето на наставните програми и образовните профили со актуелни потреби на пазарот на труд, вклучувајќи и најновите технолошки и индустриски трендови. Проактивната комуникација помеѓу образовните институции и бизнис секторот помага во идентификацијата на потребите за работна сила. Странските инвестиции во нашиот регион, ја наметнаа потреба од стручен кадар и креирање на образовен систем кој ќе продуцира обучени работници што може да се вклопат во процесот на производство. На наша особена радост, во Охрид веќе успешно функционира системот на дуално образование, како еден вид јавно-приватно партнерство помеѓу стручните училишта и компаниите. Со тоа на компаниите им се обезбедуваат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците имаат можност да бидат обучувани директно во компаниите и во реални работни околности. Можностите за вработување, добрите и платени работни места се основниот предуслов за младите луѓе да можат да ја гледаат својата иднина тука, во родните места, со што значително би се сопрел процесот на иселување. Поради тоа сите заедно ќе мораме да продолжиме да се залагаме и да работиме за осовременување на образовниот процес и да ја поддржуваме секоја напредна новина во рамки на наставните програми, додаде Божиновски.

ЛТХ Леарница е меѓу првите компании кои се вклучи во дуалниот процес на образование вели директорка Наташа Јовческа.

Од првата година кога започна овој начин на едукација секоја година имаме подобрување. Веќе имаме голем број на сертифицирани ментори кои учествуваат и сите се ентузијасти и ги примаат децата. Во нашата фирма во изминативе неколку години продефилираа околу 40 ученици. Моментално имаме околу 44 ученици на пракса. Од првата и втората генерација што завршија дел и се вработија кај нас. Се надевам дека процентот на деца во иднина кој би го задржале кај нас за сметка на одењето надвор од Македонија ќе биде поголем, што е влог на сите вклучени во овој процес, потенцираше.

Директор на ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид, Марјан Радески, истакна дека во последните неколку години сведоци сме дека кадарот во угостилско-туристичкиот сектор е дефицитарен и на пазарот на трудот фалат голем број на работници за нормално и одржливо функционирање.

Ваквите средби се добредојдени за рамена на мислења, предложување на нови идеи за што подобро менаџирање во поглед на зголемување на бројот на ученици кои би се запишале во угостителско-туристичката струка со што би придонеле да имаме што пообучен и компетентен кадар на пазарот на трудот. Последните три четри години дуалното образование е присутно, а последните две години имаме зголем број на запишани ученици и се надеваме дека тој тренд ќе продолжи. Како установа сме подготвени да ги задоволиме потребите на пазарот на трудот, но мора да имаме поголема соработка во однос на угостителско-туристичкиот сектор, взаемна соработка со рестораните, хотелите, туристичките агенции… со цел и да го зголемиме интересот за упис на ученици во овој сектор, додаде Радески.

Директорот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, Ристе Јанкоски истакна дека и во нивното училиште е зголемен интересот за упис посебно во дуалните паралеки.

За реализација на практичната настава имаме склучени меморандуми за соработка со повеќе компании во градот кои ја препознаа полезноста и придобивките од овој модел на учење и тоа не само за подобрување на квалиетот на образование на самите ученици, туку и за самите компании земајќи активно учество во креирањето на кадри кои ги бара пазарот на трудот, додаде Јанкоски.

Инаку, оваа е трета средба по ред која се организира на иницијатива на локалната самоуправа.

Н.С.Ј.