Синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше промовиран документарниот филм на охриѓанецот Антонио Вељаноски, насловен како „Поет на мал народ“, а посветен на поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Младиот режисер чија пасија кон филмското платно ја докажува на најреномираниот Филмски и ТВ факултет, Академијата за сценски уметности во Прага, ФАМУ, преку  три песни (Куќа, Траума и Ноќта е црна Liebe Maria) во филмот ја прикажува духовната биографијана охридскиот поет.

Филмот е документарен 15-минутен портрет за охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски. Темата го опфаќа неговото творештво и го претставува како поет на еден малуброен народ, но со огромна традиција и духовно творештво. Поетот е еден од поголемите доајени на македонската поезија, а со него сум поврзан на некој мистичен начиин. Како професор по македонски јазик во средношколските денови, отсекогаш неговото дело ми било мистерија, а преку овој филм се потрудив да ја откријам таа негова поетска страна.“ – вели младиот охридски режисер, Антонио Вељаноски.

Документарниот филм за охридскиот поет започна да се снима во текот на минатата година, а досега е промовиран на фестивалот „Млада камера“ во Чешката Република.

Се започна минатата година, а првите снимки се појавија во месец февруари. Потоа продолживме во текот на летниот период, а имав и верзија за испит на престижната ФАМУ. Следеше доработка уште неколку месеци и миксање на звукот, кој го осмислив за потребите на филмот. За снимање на документарен филм потребно е истражување, бидејќи мора да биде презентирана реалност од која произлегува драма. Така се гради филмското остварување според некои драматуршки принципи, а потребно е да се бараат оние мистериозни делови кои ќе бидат „мамка“, за привлекување на гледачот.“ – објаснува Вељаноски.

Покрај ФАМУ, најголемата подршка за снимањето на документарниот филм, Вељаноски ја добива од своето семејство и пријателите.

Нормално, најголемата подршка доаѓа од моето семејство. Сакам да се заблагодарам на оние, кои на некој начин се поврзани со филмот, со оглед на тоа што сето ова го правевме волонтерски и чисто од љубов. Тука е камерманот Јане Бакрески, кој успеа да ги обработи оние светлосни зраци во објективот и да ги вдлаби во чипот. Сакам да се заблагодарам и на Верица Недевска, која што со огромна енергија помогна овој документарен филм да изгледа добро. Исто така, тука е и младата талентирана актерка Катерина Петреска, како и новинарката Александра Котушевска. Голема чест имав што во филмот соработував и со популарните „Љубојна“.“ – истакнува охридскиот режисер.

Покрај магистерскиите студии на ФАМУ, плановите на Вељаноски се поврзани со снимање на уште два филмови.

Во план имам да се запишам на магистерски студии и да продолжам на ФАМУ. Во секој случај ќе продолжам да снимам филмови. Веќе имам отпочнато со обработка на две сценарија, едното за игран филм, а другото за документарен за еден македонски уметник чие име нема да го откријам во моментов. Сепак, сето ова се уште е во процес на идеја, но радо би сакал истото да се оствари. Кога сме кај „Поет на мал народ“, веројатно ќе биде промовиран на некој филмски фестивал во странство. Но наградата не би ми значела ништо, бидејќи поважна е реакцијата од публиката. За режисерот е важно филмот да биде гледан и да добие критики, без разлика дали тие се позитивни или негативни.“ – потенцира Вељаноски.

На охриѓани, Вељаноски им порачува да ги следат своите соништа и да бидат упорни во она што го зацртале на професионален пат.

Се што сум посакал длабоко во мене, досега ми е остварено. Така да, би им препорачал да веруваат во она што го сакаат и да не се откажуваат на првата препрека. За да се стигне до некоја цел, мора да се има некоја цел. Ако ја нема, тогаш нема по што да се копнее.“ – завршува Вељаноски.

О.Т.