Центарот за развој на Југозападниот плански регион мината година ја заврши успешно, при што најголемиот дел од планираните активности целосно се реализирани. Во деветте општини што му припаѓаат на Регионот инвестирани се околу 64 милиони денари во капитални објекти од патната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти преку нивна реконструкција, како и искористување на ОИЕ, со поставување, пред се, на фото-напонски централи. Ова беше истакнато на 11-та седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион, на која беа разгледани и усвоени Извештаите и Годишните сметки за работењето на Центарот за развој во изминатата година.

Согласно резултатите остварени се приходи од околу 104 милиони денари, од домашни, но и меѓународни донатори. Со овие средства во општините од Регионот реализирани се вкупно 46 активности со трите стратешки цели од програмата за развој на Регионот. Значаен дел од финансиски средства од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, наменети се за подобрување на услугите за пациентите и условите за работа на персоналот во три капитални здравствени установи од Регионов – Болницата за нефрологија во Струга, Болницата за ортопедија Свети Еразмо во Охрид и Болницата за кардиолошки заболувања Св. Стефан во Охрид. Активностите во овие установи течат, и значајно е да се напомене дека во трите од нив се инвестираат околу над 44 милиони денари, потенцираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

На седницата на Советот за развој беше разгледан и усвоен и Акцискиот план за работа на Центарот во тековната година, при што тежиштето ќе биде ставено на завршување на активностите во споменатите здравствени установи.

Покрај тоа, започната е и реализацијата на три регионални проекти одобрени преку Бирото за регионален развој со вкупна вредност од 64 милиони денари. Активностите ќе се одвиваат низ цел Регион на вкупно 7 локации и 16 објекти, и истите се насочени кон подобрување на патната инфраструктура и зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти преку нивна реконструкција и искористување на ОИЕ, додаваат од Центарот.

OhridNews