Синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид беше отворена првата самостојна изложба на  Сандра Рилкова, насловена како „Кругови“.

Љубителите на уметноста имаа можност да се запознаат со творечкиот опус на Рилкова преку 17-те изложени акрилни дела, во кои на платното без сомнение може да се препознае експресионистичкиот стил.

Оваа е моја прва самостојна изложба, а вечерва тука се изложние точно 17 дела во техника акрил на платно. Сликите се апстрактвни, а инспирацијата е токму кругот, како што е и насловена изложбата. Преку боите, може да се увиди дека сите овие дела се насликани со голема љубов.“ – вели Рилкова.

Оваа ликовна уметница во својата галерија во центарот на Скопје, има изложено и дела кои не се опфатени во нејзината прва самостојна изложба. Исто така, Рилкова веќе години успешно се занимава со внатрешно уредување на простор.

Во галеријата имам и ред други слики кои сум ги направила, кои не се дел од оваа изложба. Ателјето се наоѓа во центарот на Скопје во близина на полициската станица „Беко“. Исто така, имам своја веб страница, на која сите заинтересирани можат подобро да се запознаат со моите дела.“ – додава Рилкова.

Пред присутните во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ се обрати и охридскиот академски сликар, Славко Упевче, кој истакна дека Рилкова на свој начин ја гледа вредноста, а она што го осмислува го реализира на платното.

Делата се направени во еден здив, а секое за себе си зборува како една целина која сама ја створила и во текот на својата работа ја реализирала. Нејзините дела имаат слично со оние на младиот уметник Константин Батев, во кои е застапен експресионистичкиот стил. Мислам дека во текот на идните години, Рилкова ќе го оформи својот стил кој веќе започнала да го негува и во кој веќе се надзираат контурите. Сепак, сликарството е макотрпна работа, но ветува дека делата на Сандра ќе имаме прилика да ги видиме не само во нашиот изложбен салон, туку и во Скопје.“ – истакна охридскиот академски сликар Славко Упевче.

О.Т.