СВР Охрид поднесе три прекршочни пријави, две за физички напад извршен од две лица и една прекршочна пријава против 15 лица за учество во тепачките што претходниот и овој месец се случија во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга. Полицијата соопшти дека три лица не биле ученици во училиштето.


– Еден ученик во учiлиштето ,,Нико Нестор,, е учесник во двете предизвикани нарушувања на ден 21.01.2009 година. Прекршочна пријава е поднесена против уште двaјца ученици поради нарушен јавен ред и мир и извршен физички напад случен на ден 04.02.2009 година, информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Тој кажа дека СВР Охрид и Полициската станица во Струга преземаат дополнителни активности со цел елиминирање на сите можности за повторување на вакви немили настани. За таа цел, додаде Димоски,  Оделението за превенција организира средби со учениците, наставниците, државниот просветен инспектор со советот на родители, со градоначалникот како и со други претставници на локалната самоуправа.


Главна причина за ескалација на настаните во струшкиот средношколски центар, според полицијата, била тепачката случена на 20.01.2009 година во близина на училиштето, која не била пријавена во ПС Струга. Следниот ден дојде до масовна тепачка помеѓу ученици Албанци и Македонци, а физичкa пресметкa во „Нико Нестор“ се случила и на 4 февруари. По овој настан раководството на средното училиште, неофицијално, донело одлука од понеделник наставата во „Нико Нестор“ да се одвива во етнички смени.

Ohridnews