Изворната песна чува еден од кодовите на македонската традиција, нација, идентитет и дух. Преку песна Македонецот ги раскажувал настаните од животот кои ја обликувале уникатната традиција на овој народ, неговата историја, обичаи и култура.

Младиот охридски ансамбл Билјана, формиран на темелите на славната охридска група, веќе една деценија успешно ја негува староградската песна и го чува вредното музичко богатство создавано низ вековите. Настапите на овој извонреден состав, пак, се мелем за душа. Тие се посебни. Така беше и синоќа, во предвечерието на Денот на ослободувањето на Охрид во хотел ресторанот „Скај Корнер“, кој на охриѓани им приреди извонредно музичко доживување за кое долго ќе се зборува.

Ансамбл Билјана во полн состав, придружуван од исклучителната вокалистка на „Танец“ Мартина Костова на интимен концерт, пред ограничен број публика, поради ковид протоколите, приредија извонредно уживање со изведба на најпознатите староградски песни и изворна музика.

Преку староградските охридски песни кои се уникатно охридско културно наследство и староградската охридска музика која треба да се негува и пее, културата и нашата музика ќе се пренесува од поколенија на поколенија преку песните кои се своевиден архивски документ за животот во Охрид, и само така Охрид ќе живее вечно. – порачаа музичките уметници и организаторите на концертот кој се одржа по повод 77-годишнината од ослободувањето на Охрид од фашизмот.

Г.М.