Со повеќе културни настани и иницијативи ќе биде одбележана 100-годишнината од раѓањето на светски познатиот ликовен уметник од Охрид, неповторливиот гениј Вангел Наумовски.

Младите од Охридскиот архитектонски колектив „Архрид“ и Културолошката иницијатива „5 до 12“, со поддршка на ЛК Лихнидос, ЛК Охрид, Кармен Бауцентар и уметнилчката галерија „Букефал“, на источната страна од зградата на плоштадот кај Мини маркет сликаат голем мурал посветен на Вангел Наумовски. Голема благодарност, сите тие упатија до станарите од зградата кои ја прифатија благородната идеја. Благодарност упатија и до семејството на Вангел Наумовски со чија поддршка се реализираат активностите по повод стогодишнината од раѓањето на една од најмаркантните личности во поновата историја на Охрид.

Иницијативата и реализацијата од младите ентузијасти кои се авангарда во овој град, како и чувството за општествена одговорност на поддржувачите, се за поздравување, вели ликовниот критичар и помагател, Љупчо Жупан, од уметничката галетија „Букефал“.

Ова е најмалку што може да направиме да му се оддолжиме на Вангел Наумовски за се што остави за Охрид, смета Жупан, додавајќи дека од сето ова можат да се изроди иницијатива за целосно осмислување на просторот во чија близина твореше исклучителниот ликовен уметник.

Во таа насока делува и Лајонс клубот Лихнидос кој 15-годишнината од постоењето, наскоро ќе ја одбележи со изложба на дела од Вангел Наумовски. Клубот најави и дека ќе покрене официјална иницијатива до градот за именување на плоштадот кај мини маркетот во плоштад „Вангел Наумовски“.

Ова е момент кога сфаќаме како уметноста може позитивно да влијае на едно место. Во непосредна близина е ателјето каде твореше Вангел Наумовски и затоа целиот тој простор со муралот и плоштадот некако одговара да бидат посветени на овој исклучителен ликовен уметник. Тоа може да биде уште една препознатлива точка во градот, која може да биде и додадена вредност на туризмот, истакнува Љупчо Жупан.

Доколку временските услови дозволат, се очекува муралот посветен на Вангел Наумовски да биде завршен денеска.

Г.Момироски