Американецот Брајан Мекгвин од Флорида скапо ја платил својата невнимателност. Морал да прекопа девет тона ѓубре како би го пронашол дијамантскиот прстен на сопругата кој по грешка го исфрлил. Мекгвин го средувал тоалетот и случајно со старите бричеви и празните амбалажи го фрлил во ѓубрето и вереничкиот прстен на сопругата украсен со дијаманти вреден 10 илјади долари. Кога сватил што сторил, одлучил да оди на депонијата и да се обиде да го пронајде. Облекол заштитно одело и храбро влегол во деветте тони ѓубре.

Младиот финансиски советник изјавил дека било одвратно и дека секоја грозна работа која можеме да ја замислиме барем еднаш му минала низ рацете. Упорноста сепак му се исплатила, бидејќи после неколку часа успеал да го пронајде прстенот. Сопругата, после овој очигледен доказ дека ја сака, не му замерила што за малку ќе го изгубел нејзиниот прстен. Случајот не останал незабележан, па сопружниците гостувале нанеколку телевизиски станици, раскажувајќи ја својата необична авантура.