Од денеска, 22 декември, прекинува онлајн спортското обложување откако истече рокот за преточување на уредбата со законска сила во трајно законско решение или евентуално друго правно решение со кое би се продолжило онлајн обложувањето преку македонските лиценцирани спортски обложувалници.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), реагира дека со прекинувањето на онлајн спортското обложување државата ризикува да изгуби неколку стотици милиони денари на годишно ниво, средства кои во услови на сериозна глобална економска дестабилизација поради пандемијата со ковид-19 имаат значаен придонес во државната економија.

Бараме итно, по кратка постапка, Владата да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри. Владата имаше 6 месеци да најде правно решение за продолжување на уредбата, но тоа не се случи. Ние апелиравме преку медиумите, но и до Владата и Мистерството за финансии со барање за средба за да ги адресираме предизвиците, но и придобивките од индустријата, но досега апсолутно немаше слух за тоа. Затоа ние уште денеска до Владата и Министерството за финансии ќе доставиме предлог-текст за имплементирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри, кој сметаме дека треба итно да се донесе. Несфатливо е како во услови на економска нестабилност предизвикана од ковид-кризата, државата не ја гледа вредноста во буџетот која ја донесе онлајн обложувањето. Од друга страна, и здравствениот аспект во смисла дека онлајн обложувањето го намали физичкото присуство во објектите. За илустрација, од воведувањето на онлајн обложување преку македонски лиценцирани обложувалници од мај годинава до декември, од оваа услуга се слеале повеќе од 100 милиони денари во државната економија. Поконкретно од 4% посебна давачка за онлајн, околу 35 милиони денари и 65 милиони денари од данокот на личен доход. – стои во соопштението од АСОМ.

Уредбата со законска сила со која се овозможи онлајн спортско обложување преку македонските лиценцирани обложувалници се донесе на 24 април со важност до 22 декември, 2020 година.

OhridNews