„Се договоривме до 13 октомври да излеземе со конкретни решенија за проблемот со тоа што учениците од понеделник ќе почнат редовно да си ја следат наставата без притоа да губат часови“, изјави по средбата министерот за образование, Перо Стојановски. На средбата присуствуваа и вицепремиерот Абдулаким Адеми, министерот за труд и социјална политика Бајрам Џељаљи, градоначалникот Рамиз Мерко и директорите на средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“.
Родителите и натаму силно ги поддржуваат барањата на учениците Македонци за воведување јазични смени, со што според нив ќе се избегнат меѓуетничките тензии како во минатата школска година, кои доведоа до бојкот на наставата.
Владата ќе бара решение на проблемот до 13-ти октомври
Според надлежните клучен проблем за решавање на проблемите на средношколскиот центар во Струга се немањето просторни услови за нормално следење на наставата. Иако владата минатата година вети нова училишна зграда, нејзината изградба сеуште не започнала. Според министерот за образование тоа се должи на изборите и на тоа што тоа не е предвидено со проектираниот буџет за 2008 година. Како алтернативно решение за просторниот проблем сериозно се разгледува одморалиштето „Мајски цвет“ за кое се води судски спор со концесионерите. Идејата е по завршување на судскиот процес одморалиштето со кое располага Министерството за труд и социјална политика да биде отстапено на Министерството за образование, кое понатаму би и го отстапило на општината. Решението на ова и другите отворени прашања во средношколскиот центар во Струга до 13 октомври заеднички ќе го бараат владата и локалната самоуправа.