Преговорите за формирање мнозинство во новиот Совет на општина Охрид одат бавно и тешко. За тоа говори и фактот што до овој момент сеуште нема никаков конкретен договор помеѓу политичките субјекти кои партиципираат во советот.

Носителот на советничката листа на СДСМ, Бранко Трпчески, ни изјави дека преговорите се сеуште во тек, но засега не е постигнат било каков договор. „Очекувам до крајот на оваа недела преговорите да завршат и да се формира новото советничко мнозинство“, ни иајави Трпчески.

И во ВМРО ДПМНЕ потврдуваат дека засега не е постигнат договор околу формирањето на мнозинството и распределбата на функциите. И од оваа партија очекуваат тој процес да заврши до крајот на тековната недела.

Дека договарањето оди бавно потврдуваат и од ВМРО НП, која се смета за клучен фактор во формирањето на советничкото мнозинство. Советникот Јоне Станкоски за „Оhridnews“ изјави дека пред Велигден партијата имала преговори и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ, но дека никаков договор не е постигнат. „Овие два дена по празникот нема никакви преговори“, ни изјави Станкоски.

Како што е познато најмногу советнички места има ВМРО ДПМНЕ- 9, СДСМ има 7 советници, ВМРО НП и НСДП по двајца советници, ПЕИ едно советничко место, а двајца советници доаѓаат од независните листи. Од нивниот договор зависи кој ќе ја извршува функцијата претседател на Советот, како и распределбата на директорските места во општинските јавни претпријатија.

Ohridnews