Една од најголемите руски авиокомпании „Нордвинд“ најави дека од 2022 година, по точно 20 години пауза, повторно ќе ги поврзе Охрид и Москва со чартер лет, два пати неделно.

Како што соопшти Агенијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), интересот на руските туристи е генерално насочен кон културниот и верскиот туризам, но во последно време доминира интересот за специјализирани кратки одмори, до 4 дена, во кои руските туристи би имале полна агенда. Ено-гастро туризмот е нешто за што веќе има интерес и резервации, а веднаш зад него е активниот туризам, посебно параглајдингот.

Според АППТ, со воспоставување на редовна директна воздушна линија Скопје – Москва се овозможува и полесна соработка на сите полиња полиња, а посебно важно е дека ќе се зголеми просечниот престој на туристите од Руската Федерација од 2,2 дена на минимум четири дена и ќе продолжи трендот на пораст на туристи од овој пазар, кој пред корона кризата растел со 13 отсто на годишно ниво.

По неколку обиди минативе години да се воспостави соработка на полето на туризмот и бројни посети на тур-оператори од Руската Федерација, со отворање на директната линија Скопје – Москва се отвара можност за соработка со еден од најголемите пазари. Она што е карактеристично за оваа авио-компанија се флексибилните авионски билети, опции за лојалност и распоредот на летови, што овозможува полесно движење на туристите кои сакаат да патуваат индивидуално, но и оние кои ќе одлучат тоа да го сторат со посредништво од туристичка агенција, наведува Агенцијата.

АППТ најавува дека во периодот што претстои ќе организира бројни информативни патувања и Б2Б состаноци на рускиот и македонскиот туристички сектор, додека во 2022 година промоцијата на овој пазар ќе ја зајакне со промотивна кампања за туристичките потенцијали на земјава.

 

ОhridNews