Денес во Грција се одржуваат предвремени парламентарни избори на кои Грците треба да донесат одлука кој ќе предводи државата во следниот период. Шансите на Сириза и Нова Демократија за победа се речиси исти. Некои Грци изборите ги дочекуваат со доза на несигурност, други со надеж, иако не е јасно која партија ќе освои повеќе гласови, коалицијата на радикалните леви сили Сириза, предводена од 41 годишниот Алексис Ципрас, или десноцентристичката Нова демократија, на чие чело е 61 годишниот Вангелис Меимаракис.

Повеќе анкети на јавното мислење последните денови покажуваат мала предност на Сириза (меѓу 0,2 и 0,8%). Околу 10 до 15% од Грците сè уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас, а од нивното решение во голема мера ќе зависи изборниот резултат.

Избирачите се наоѓаат пред тежок избор, поради фактот што двете опции имаат слични програми и ветуваат дека ќе ги запазат строгите услови на програмата за трет заем, со кој земјата треба да добие 86 милијарди евра. Сепак, Сириза и Нова демократија се разликуваат по важни детали по однос на политиката на либерализација на пазарот, колективните работни договори, заштитата на правата на работниците во јавниот и приватниот сектор, како и имиграцијата.

Истовремено, идната влада ќе се соочи со задачата во следните четири месеци да донесе повеќе од 150 закони, односно да спроведе реформи во различни области, од кои околу 50 се посочени како услови за да продолжи финансирањето.

За да има мнозинство во парламентот, победникот треба да освои 38% од гласовите, кои според последните анкети, ги немаат ниту Сириза, ниту, пак, Нова демократија.
Ако бројот на гласови дадени за малите партии, кои не можат да го надминат изборниот праг од 3%, надминат 15 отсто, тогаш партијата победник може да состави влада со 32% од освоените гласови. Интересно е што грчките закони предвидуваат доста оригинален систем за формирање на влада. Првата партија автоматски добива 50 пратенички места во парламентот со 300 пратеници. Таа партија има право да формира влада дури и да не добие апсолутно мнозинство(повеќе од 151 место), а потоа ќе преговара со помалите партии за формирање на коалиција. Ако тие преговори не успеат, претседателот на Грција го дава мандатот за формирање на влада на втората партија според бројот на гласови. Така теоретски, дури и ако Нова демократија биде втора, во случај Сириза да не успее да се договори со своите партнери, Меимаракис ќе добие мандат за состав на влада. Таква беше ситуацијата во Грција во 2012 година.

Доколку ниту една партија не се договори со потенцијалните партнери, земјата ќе се соочи со нови избори. Тоа е најлошото сценарио за Грција, бидејќи и Сириза и Нова демократија се подготвени да формираат коалициона влада.

OhridNews

извор Макфакс