Државниот обвинител Љубомир Јовески соопшти дека предметот за трагедијата во Бугарија кога изгоре автобусот на „Беса транс“ и имаше 40 жртви, е пред конечна одлука на Обвинителството.
Според Јовески, сите дејства се привршени, единствено се чека вештачење во делот на сообраќајната незгода од бугарските надлежни органи по што ќе има одлука.
Државниот обвинител не кажа за кого се води предистрагата и дали можеби таа се однесува и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Мислам дека овој предмет е пред конечна одлука на Обвинителството. Сите дејства се привршени, единствено се чека само известување, вештачење во делот на сообраќајната незгода од бугарските надлежни органи и ќе има одлука. Не прејудицирам никаква одлука, одлуката ќе ја донесе јавниот обвинител кој постапува по предметот. Предистрагата да не ја отвораме со оглед дека е во таа фаза. Мислам дека не е добро да се спомнуваат имиња, истакна Јовески.
Тој напомена дека до денес, ниту еден доказ и ниту едно вештачење не упатуваат на техничка неисправност на автобусот.
Станува збор за извршен инспекциски надзор во станицата за технички преглед при кој е констатирано дека само сообраќајното решение – влегувањето и излегувањето во станицата има некои проблеми, а не внатре во делот каде се вршат техничките прегледи – дали станицата не е доволно опремена или нема доволно вработени. Значи, станува збор само за проблеми на сообраќајното решение. Тоа е едниот аспект. Вториот е дека од првиот момент на трагедијата, бугарските надлежни органи во ниту едно вештачење, ниту еден доказ и околност не упатуваа на техничка неисправност на автобусот. И до ден денеска бугарските власти не рекоа дека проблем на таа трагедија е неисправноста на автобусот. Обвинителството спрема оваа фирма, превозникот, отвори предмет, но во Основното обвинителство, бидејќи тоа беше надлежно. Доколку обивнителката во овој предмет била совесна и постапувала совесно, требаше да го достави да се спои во Основното обвинителство во Скопје. Не гледам апсолутно никаква надлежност на Специјалното јавно обвинителство, објасни Јовески.
OhridNews