Пратениците се должни да носат пижами при учество на седницата од далечина ако времето на одржување на истата е после 20 часот.
Предлог амандман на партијата Левица
Ова е само еден од вкупно три илјаси амандмани што опозициските партии ВМРО ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците ги поднесоа до Собранието на предглог законот за измени на деловникот, со кој треба да се овозможи работа од далечина на пратениците заболини од Ковид 19.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска ја обвини опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека продолжува со неодговорно и несериозно однесување на штета на граѓаните и институциите, која, како што кажа, поднела бројни несериозни, безобразни и апсурдни амандмани на предлог измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието.
Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, но и целокупната опозиција во Парламентот не сакаат функционално Собрание и продолжуваат со својата деструктивност да работат директно на штета на граѓаните. Тоа е срамно и неодговорно однесување, тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, рече Митрески.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ рече дека неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ поднеле амандман во кој се вели дека „За време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера“. Понатаму, додаде тој, во дел од амандманите се вели, пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на автомеханичарски салони и месарници, да не смеат да носат џемпери затоа што, замислете, тоа било навреда за Собранието.
Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце.
Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците, рече Митрески. Во однос на облекувањето, тоа, според Митрески не е само навреда на луѓето кои чесно си го заработуваат својот леб, затоа што облеката не го чини човекот, туку е и девалвирање на целото Собрание.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска изјави дека трите илјади амандмани поднесени за дополнувањето на Деловникот за работа на Собрананието се само крик на опозициските партии во однос на она што власта сака да го демонстрира во Собранието, а тоа е нивно непочитување и неразговарање.
Избегнувањето на дијалог со сите политички партии е една од причините поради која што ги има овие 3000 амандмани покрај неуставноста на самото законско решение за измена Деловникот, рече Мицевски.
Тој го повтори ставот дека единствената причина поради која што се бара ова онлајн Собрание е малиот број пратеници од владејачкото мнозинство.
62 пратеници е далеку од функционално мнозинство кое што би можело да работи без да се усогласува по однос на законите и она што доаѓа како материјал во Собранието со опозицијата. Да не заборавиме дека 58 пратеници од опозицијата претставуваат повеќе од пола милион граѓани на оваа држава и тие пола милион граѓани кои што го дале гласот за опозицијата очекуваат нешто од таа опозиција и се на ставовите заедно со опозиционите партии, рече Мицевски.
Според него, владејачкото мнозинство немало слух и предлогот бил поднесен без консензус, а потсети дека во рамки на процесот „Жан Моне“ одлуките се носат консензуално.
OhridNews