Во Собранието денеска седница ќе одржат три комисии – Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Законодавно правната комисија и Комисијата за финансирање и буџет.
На дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и пред челновите на Законодавно правната комисија се Предлог на законот за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата, Предлог на законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата, Предлог на законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, сите три во второ читање.
Собранието минатиот месец на седница ги разгледа закони од областа на животната средина во прво читање со кои трите природни локалитети во земјава добиваат посебен заштитен статус.
Откако предлог законите поминаа на прво читање во Собранието од Министерството за животна средина и просторно планирање излегоа со став дека запазена е целата постапка за прогласување согласно Законот за заштита на природа, посочувајќи дека добиени се позитивни мислења од релевантни државни органи, Националниот совет за природа и одржани се три јавни расправи во општините Охрид и Струга.
Истакнаа дека МЖСПП постапува и согласно одлуките од 2023 и 2024 година на Комитетот за светско наследство при Конвценцијата за светско природно и културно наследство (УНЕСКО) во кои експлицитно е побарано од државата да ги прогласи Охридско Езеро и Студенчишко Блато за заштитени подрачја, со цел да обезбеди заштита.
Согласно предлог – законите, ЈП Колекторски систем, Охрид како иден упраувач со заштитено подрачје Споменик на природа – Охридско Езеро и Општина Охрид како иден управувач со заштитено подрчаје Парк на природа – Студенчишко Блато ќе имаат обрска на транспарентен начин да изработат и донесат планови за управување, во кои ќе бидат дефинирани дозволени и забранети активности по зони, што се дел од препораките на Бернска Конвенција. Идните управувачи ќе имаат обрска да воспостават чуварска служба и мониторинг на природното наследство во двете подрачја и да обезбедат нивно интегрално управување и заштита, потенцираа од МЖСПП.
Со донесувањето на овие закони од Собранието ќе се овозможи заштита и зачувување на природните вредности на овие подрачја и нивно соодветно долгорочно управување, како и исполнување на целите на Националната стратегија за заштита на природа, исполнувањто на целите ЕУ и Зелениот договор, како и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2023 и 2024 година.
OhridNews