Собранието денеска треба да ја започне 145. седница на која на дневен ред, меѓу другите, во прво читање се Предлог на закон за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

На иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Владата го усвои текстот на Предлог-законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во трета категорија – споменик на природата.

Охридското Езеро се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности, како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки. Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе биде управуван од Јавното претпријатие „Колекторски систем“. Планот за управување ќе треба да се донесе најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, појаснија претходно од МЖСПП.

Како што беше наведено во соопштението од Министерството, со прогласување на споменик на природата, се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро, преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природни вредности. Потоа, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно, да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите. Исто така, создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност. Се овозможува и одржливо користење на природните ресурси, на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Владата го утврди и Предлог на закон за измени и дополнувања на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значање со кој се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид.

Како што информираа од Министерството за култура, со Предлог-законот се предлага заострување на режимот на заштита на споменичката целина на Старото градско јадро согласно препораките и Одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план (2020-2029).

Најзначајна измена предвидена со Предлог-законот е дека до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во овој закон, не ќе може во Старото градско јадро на Охрид да се градат нови објекти, доградби и надградби.

OhridNews