Образложувајќи ги предлог измените за Законот за заштита од пушењето Горан Сугарески од СДСМ посочи дека законот се применува селективно и оти не е заживеан целосно.
„За овој закон нема вистинска имплементација, туку колективно кршење.Првичните ефекти се селективна примена на законот“, рече Сугарески.
Тој потсети дека опозицијата предлага измени на законот само во делот на угостителските објекти.
Според предлог-измените, сопствениците на угостителските објекти и сами би требало да одлучуваат дали во нивните локали ќе се пуши или не.
Во објектите поголеми од 100 метри квадратни СДСМ предлага да се оддели простор за пушачи.
Сугаревски ја обвини Владата дека на кампањата против пушењето потрошила 100 илјади евра, а законот според него доживеал фијаско.
Потенцирајќи ја штетноста од пушењето, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Пачемски од лекарски аспект посочи дека пушењето е причина за поголем дел од болестите, но како што рече голем ризик фактор е и пасивното пушење.
За владејачкото мнозинство измените предложени од СДСМ се неприфатливи.
„Законот не враќа назад и не отргнува од примарната цел. Вие заземате страна на само една група на граѓани. Не може да се донесат измени на сметка на едни, а на штета на други“, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Повикувајќи се на Извештајот на ЕК таа рече дека и таму е наведено оти примената на законот е на задоволително ниво.
Расправата за измените на Законот за заштита од пушењето продолжува и утре.
извор: „Макфакс“