Членот на Советот на општина Охрид од редовите на опозициската ЛДП, Дејан Блажески, предлага да се отворат телефонски линии за донации за помош на погодените од поплави.

„Како советник во советот на општина Охрид, предлагам до надлежните во Општина Охрид, да се заложат да се отворат телефони за донации со цел- да се помогне на настраданите семејства и ублажување на штетите настанати од поплавите. Ова се моменти, кога треба да ги оставиме настрана личните и политичките недоразбирања, без меѓусебни обвинувања и преписки. – напиша на својот Фејсбук профил Блажески.

На социјалните мрежи можеа да се забележат и жестоки преписки и обвинувања помеѓу политичари од власта и опозицијата околу поплавите во Охридскиот регион, нивното делување и медиумската експонираност во моментите кога граѓаните беа соочени со големата природна непогода, кои наидоа на бројни коментари.

Инаку во невремето што изминатиот викенд го зафати Охрид поплавени беа четириесетина индивидуални куќи, угостителски и деловни објекти, како и дворови и земјоделски површини во градот, а регистрирани беа и повеќе свлечишта и одрони на пат, кои се санирани.

OhridNews