По повод 65 години од раѓањето на Атанас Талевски, во вторник, 17 декември 2019 година, во културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид ќе биде отворена изложба на фотографии од реномираниот македонски фотограф. Настанот ќе започне во 19.00 часот.
Атанас Талевски (Велес, 1954 – Скопје, 2008) својот рано згаснат животен пат го мина низ Европа, Азија, Африка и Северна Америка, притоа фотографирајќи ги сиромашните и запоставените луѓе со нивниот начин на живот, поради што беше познат како „фотографот на обичните луѓе“. Резултат на неговата плодна фотографска работа се бројните самостојни изложби во Македонија, Франција, САД, Албанија, Србија, Словенија, Чешка, Русија, Германија, Холандија, Швајцарија и Финска. Негови фотографии можат да се најдат во разни печатени медиуми, но и во приватни збирки на поединци и институции ширум светот.
Изложбата ќе ја отвори Мишо Јузмески кој ќе одржи пригодно предавање за животот и делото на Талевски.
OhridNews