Предадени се дополнителни три апарати за хемодијализа, хемодијафилтрација и хемофилтрација за ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија Струга, информираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Овие апарати, посочуваат, ќе овозможат подобрена грижа за пациентите со хронична бубрежна инсуфициенција, како и за оние со акутни состојби кои бараат напредни методи на прочистување на крвта.
Новите апарати нудат повисоко ниво на ефикасност во отстранувањето на токсините и вишокот течности од крвта, со што се подобрува општата здравствена состојба на пациентите. Со проширување на капацитетите на установата, ќе се намали времето на чекање за пациентите кои имаат потреба од дијализни третмани. Современите технологии кои ги поседуваат новите апарати овозможуваат понапредни и посигурни методи на третман, што директно влијае на намалување на несаканите ефекти кај пациентите. Покрај хроничните пациенти, со овие апарати ќе може поефикасно да се третираат и пациентите со акутна бубрежна инсуфициенција, што е особено важно за итните случаи во регионот, потенцираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Воедно, велат, медицинските работници ќе имаат на располагање современа опрема која овозможува попрецизен и побезбеден мониторинг на третманот.
Инаку, набавката на нови апарати е преку проект имплементиран од Центарот за развој на ЈЗПР, финансиран преку Министерство за локална самоуправа и Владата на Швајцарската Конфедерација/ Швајцарска агенција за развој и соработка во вредност од 3.669.000,00 денари
OhridNews