Вистински музичко уживање вечерва (сабота) приредува плажата Градиште 2. Во прекрасниот крајезерски амбиент на една од најубавите плажи на ривиерата ќе настапи извонредниот акустичен бенд “The FRAJLE“ од Нови Сад, Србија. Забавата започнува во 22 часот, а цената на влезницаата чини 500 денари.
“The FRAJLE“ – фото архива OhridNews
По овој повод бродот Александрија 1 воведе специјална линија од Охрид до Градиште. Тргнувањето е во 21 часот од градското пристаниште во Охрид, а враќањето во 1 часот по полноќ.
“The FRAJLE“ веќе пристигнаа во Охрид. Тие вчера уживаа на изворите на Охридското Езеро и ресторанот „Острово“. Секогаш расположени девојките од “The FRAJLE“ ја запеаја познатата македонска песна „Елено ќерко“.
Фрајле (The Frajle) се основани 2009 година од Марија Мирковиќ, Наташа Михајловиќ и Јелена и Невена Буча. Претходно тие пееле во различни бендови, а по првите заеднички свирки, сфатиле дека на луѓето им се допаѓа тоа што го прават и почнале да работат заедно. На Бендот му го дале името Фрајле за да го означат војводинското поднебје. За брзо време стануваат познати по фантастичната музичка изведба и уникатниот стил со кој ја освојуваат публиката со вкус на Балканот.
Билетите за ова концертно уживање можете да ги набавите преку продажната мрежа на Купи Карти За Се, по цена од 500 денари, како и во ресторан „Острово“, лаунџ бар „Ноа“ и на влезот на концертот во Градиште.
OhridNews
фото и видео: Стојан Стојаноски