Денес, кога низ целата земја го празнуваме Денот на народното востание, им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност. И тука, во Прилеп се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. Овде стоиме меѓу осумтте урни на Могилата на непобедените, од кои највисоката и најубавата го симболизира вечниот пламен на слободата, рече во обраќањето претседателот Стево Пендаровски денеска на свеченоста што по повод 80-годишнината од Денот на народното востание, 11 Октомври се одржа во меморијалниот комплекс „Могилата на непобедените“ во Прилеп.

Иако денес е тешко да се даде одговор на големите историски дилеми кои биле актуелни пред многу години, можеме да бидеме сигурни дека ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава. Сите документи и манифести од НОБ, широката меѓународна поддршка и признание за нашата борба, недвосмислено потврдуваат дека само како дел од антифашистичката коалиција можевме да дојдеме до своја и слободна држава. Токму тоа го постигнавме на 2 август 1944-та на првото заседание на АСНОМ каде беше удрен темелот на слободната и суверена република која по своја волја се вклучи во новата југословенска федерација, рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски во обраќањето истакна дека годинава, кога одбележуваме 80 години од почетокот на народното востание, прославуваме и 30 години од независноста. Како и партизаните пред осум децении, така и граѓаните, во 1991-та, ја препознаа уникатната историска прилика и ја презедоа одговорноста за својата иднина. Наспроти сите етнички, верски, политички и идеолошки разлики се обединивме околу идејата за независна и самостојна држава.

Пред нас е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности, и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот. Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет, притоа, водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека можат да се остварат тука, во својата татковина. И со тоа да целиме кон праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа нашите славни херои во чија чест сме денес сите ние овде собрани, додаде Пендаровски.

Венци свежо цвеќе на споменичниот комплекс „Могила на непобедените“, положија и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев кој денеска ја предводеше владината делегација, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Со овој чин за оддавање почит и во знак на сеќавање, како и почит кон делото и хероите од народно-ослободителната антифашистичка војна, Владата на Северна Македонија во име на народот им оддава признание на првоборците од Прилеп и прилепско кои во воените дејствија дале 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака, 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“, и кои заедно со своите другарки и другари од целата земја учествуваа во војната за слобода од фашизмот и за македонска држава,  велат од владината прес-служба.

OhridNews