Верскиот празник Богојавление – Водици ќе биде ставен во туристичката понуда на регионот со што одбележувањето на празникот ќе добие пошироко значење. За ова меѓу другото ќе се разговара на првиот Меѓународен саем за туризам што од утре до 20 јануари ќе се одржи во Охрид и Струга.
Околу 300 претствници на туристички асоцијации, научни работници, гастрономи и други учесници на саемот ќе присуствуваат на фрлањето на чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро на 19-ти јануари. Целта е оваа верско-културна манифестација да ја добие неопходната светска афирмација, со цел во иднина да се привлекуваат повеќе гости за овој празник во Охрид.
Конкретен придонес во реализацијата на таквата идеја даваат и членките на Хотелската асоцијација на Македонија-ХОТАМ, кои за Водици и за време на траењето на Туристичкиот саем ги намалија цените на услугите за 50 % во охридските хотели.
Инаку, согласно Законот за празниците на РМ,19 Јануари(сабота), Богојавление (Водици), е неработен ден за верниците од православната вероисповед во Република Македонија.
Г. Момироски