Правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од просечната месечна нето плата по работник исплатена во последните три месеци, која претставува основица за исплата, останува и понатаму и истото ќе го користат сите вработени во приватниот сектор. Ова се предвидува со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, кој социјлните партнери го продолжија за уште две години.
Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија по повеќе средби, го потпишаа текстот на Спогодбата за именување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Ценејќи ја економската и финансиската состојба, постоењето на последиците од економската, финансиска и должничка криза и потешкотиите кај одделни работодавачи, а со цел да се обезбеди сигурноста на работните места и елиминирање на опасноста од нивно губење, партнерите како исклучок договорија дека правото на регрес за годишен одмор може да се утврди и во помал износ од утврдениот, но само доколку се постигне спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, но по претходна задолжителна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел.
Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
OhridNews
извор Макфакс