Со вечерна празнична богослужба во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ денеска отпочнува славењето на православниот празник посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец.
Илјадници православни верници вечерва и утре вообичаено како и секоја година ќе го посетат манастирскиот комплекс, за да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, обединети во верата и во вербата во чудесната исцелителна моќ на Светецот.
Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на триесетина километри оддалеченост од Охрид, додека главната црква е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим.
Светиот просветител Наум ја избрал оваа тивка и благородна околина за свое живеалиште, место од каде што ја развил племенитата мисија за просветување на човекот. Тука е и неговиот гроб, сместен во југоисточниот дел од црквениот нартекс.
По повод празникот бродовите „Александрија 1 и 2“ и „Галеб“ вечерва за Свети Наум ќе пловат по празнична цена од 300 денари. Картите, кои се во ограничен број, можат да се купат и денеска до 13 часот на Градското пристаниште.
Поаѓањето за Св. Наум вечерва е во 19:30 часот од Градското пристаниште, додека терминот на враќање од Св. Наум на патниците ќе им биде соопштен за време на пловидбата кон манастирот.
OhridNews