Иако советниците уште на  11 април го изгласа правилникот за поставување урбана опрема на јавните површини, одлуката на Советот на општина Охрид сеуште не се спроведува. „Одредбите треба да се применуваат и за поставување на урбаната опрема и за физичко одделување на истата од слободните јавни површини, но факт е дека одлуката што ја донесе Советот на општина Охрид на терен не се спроведува онака како што е предвидено“, вели претседавачот на Советот, Владо Чингоски.

Чингоски информираше дека деновиве остварил средба со инспекциските служби во општината на која било  договорено при склучувањето на договорите за користење на јавните површини и поставување на урбаната опрема стриктно да се почитува одлуката на советот, во спротивно да се применат санкциите и да се отстранува урбаната опрема од јавните површини онаму каде што таа не е поставена согласно одлуката.

„Факт е дека договорите за поставување урбана опрема сеуште не се потпишуваат од страна на угостителите, но деновиве беше дефиниран конечниот текст на договорите со сите одредби и сигурен сум дека од денеска ќе почне да функционира и таа одлука, во спротивно ќе бараме одговорност од општинската администрација за неспровесување на одлука“, рече Чингоски.


Ни гранишник ни ред

Истото се однесува и за одлуката за такси превоз, објаснува претседавачот на советот. „Ние го пролонгиравме почетокот на примена на таа одлука заклучно со 31.5, што беше последен рок за толерирање на такси превозниците и во однос на бојата на возилата и во однос на примените на другите одредби на одлуката за вршење такси превоз“, вели Чингоски. Од денеска инспекциските служби ќе вршат контрола, како и дали се применува одлуката во целост, додава Владо Чингоски.


во иднина такси возилата треба да се сино-бели

Според одлуката такси превозниците се обврзани возилата да ги бојадисаат во сино-бела комбинација, а услугите за превоз да ги наплаќаат строго според утврдената тарифа.

Г. Момироски