Редакцијата на OhridNews изборите ќе ги следи согласно сопствениот Правилник јавно објавен на официјалната веб страна на Државната изборна комисија. OhridNews ќе ги следи само настаните за кои смета дека се од важност за јавниот интерес, додека за презентација на партиите и промоција на нивните активности како прес-конференции, средби со граѓани, обраќања и други видови кампања, на располагање им стои простор за платено политичко рекламирање, согласно официјалниот ценовник и правилата за политичко рекламирање, а кои, согласно законот, исто така се објавени на веб страната на Државната изборна комисија.

ПРАВИЛНИК 
за покривање на предвремените парламентарни избори 2020 на ohridnews.com

1.Ohridnews за време на изборната кампања ќе ја задржи препознатливата објективност и ќе остане политички неутрален. При известувањето од изборите во информативниот блок, редакцијата на Ohridnews ќе информра за текот на изборната кампања, а во изборното рекламирање, вклучително и објавувување на содржини поврзани со изборната кампања во било која форма (соопштение, настан, прес конференција и слично), ќе ги третира само субјектите кои ќе закупат рекламен простор за реализација на изборна кампања.

2.За време на изборната кампања OhridNews бесплатно, ќе информира за изборната постапка и ќе презентира исклучиво информации од јавен карактер поврзани со изборите. Информациите од Министерството за правда, МВР, ДИК и другите надлежни институции задолжени за спроведување на изборите ќе бидат објавувани во рубриката соопштенија или преку новинарски извештаи во блокот вести. Учесниците во изборната кампања за медиумско претставување, вклучително и прес конференции, соопштенија, реакции, известувања и други форми на презентација ќе можат да ги користат за сопствена промоција во делот на платеното политичко рекламирање.

3. На сите учесници во изборната кампања OhridNews ќе им овозожи платено политичко рекламирање под подеднакви услови, согласно официјалниот ценовник за платено политичко рекламирање на претстојните избори, кој ќе им биде доставен на учесниците во изборниот процес. Платеното политичко рекламирање ќе се емитува во посебен простор предвиден за таа намена.

4. Предност во избирање на простор за рекламирање и поставување на банери и други рекламни содржини во делот за платено политичко презентирање, ќе имаат субјектите кои први ќе склучат договор со OhridNews.

5.За време на изборната кампања редакцијата ќе се труди дневните информации, вестите и извештаите за изборните случувања да ги објавува навремено и непристрасно. Учесниците во кампањата ќе имаат право на демант, бесплатно и во најкус рок, само на објавените информации од и на интернет порталот „www.ohridnews.com“.

6. Согласно законите и пропишаните правила, за време на изборната кампања нема да се објавуваат информации за активностите на претставниците на државните органи и институции, на органите на локалната самоуправа и на други јавни личности, што се во функција на изборната кампања, а не се најавени како такви.

7. OhridNews нема да објавува вести, информации, соопштенија и реклами кои поттикнуват верска, национална или друга нетрпеливост и повикуваат на насилно уривање на системот и бојкот на изборите. Исто така нема да се објавуваат информации, фотографии, видео и аудио записи кои се однесуваат на деца помлади од 14 години.

8. Во периодот на избори редакцијата на OhridNews ќе се воздржи од коментари, освен во случај на флагрантно кршење на изборните правила. Во тој период нема да се објавуваат колумни и писма на читатели кои се однесуваат на изборната кампања и учесниците во неа.

9. Согласно начелата за професионално и непристрасно известување, OhridNews им забранува на своите вработени и надворешни соработници било каков ангажман во изборната кампања.

OhridNews