Над  4000 претставки годишно пристигнуваат до Организацијата за заштита на правата на потрошувачите. Граѓаните се жалат на неквалитетни производи и услуги, а дел од нив покренуваат и управни постапки за надомест на штета, вели  Маријана Лончар Велкова , претседател на Организацијата за заштита на правата на потрошувачите.

„Правата на потрошувачите во Македонија не се почитуваат. Ги прекршуваат  бренд компаниите и големите монополи, но и помалку познати фирми“, вели Лончар-Велкова. Според  неа,  потрошувачите  се’ повеќе се информираат за своите права, но потребно е  да се влијае и на подигнување на корпоративната свест кај компаниите бидејќи, како што истакна, кршењето  на правата на потрошувачите е и на нивна штета.

Голем дел од потрочувачите на кои им биле прекршени  правата се  бараат да им се надокнади економската штета, а ние им помагаме колку што можеме, вели Лончар-Велкова. Од друга страна и самата организација за заштита на потрошувачите е ограничена во своето дејствување, бидејќи во Македонија сеуште не постои законска можност за јавно објавување на имињата на компаниите кои ги прекршуваат правата на потрошувачите, додава Лончар.


80-на експерти во Охрид расправаат за правата на потрошувачите

Во организација на Организацијата за заштита на правата на потрошувачите,  Владата на СР Германија и Министерството за економија, во Охрид во тек е  првата регионална конференција на која се говори за “Зајакнување на заштитата на потрошувачите преку воспоставување конзистентна политика за потрошувачите за земјите од Југоисточна Европа”.На конференцијата учествуваат околу 80 претатставници на асоции за заштита на потрошувачите и  експерти од Македонија и земјите од регионот.

Г.М.