Реми рамно на елиминација за Рапид кој на домашен терен пред 35 илади гледачи одигра возбудливи 2-2 против Генк лидерот во групата Г од Лигата на Европа. Љубителите на “бубамарата“можеа да бидат апсолутно задоволни од преставата во која им ја пружија фудбалерите кои истрчаа на “Ернст Хапел“ во Виена.
– Одличен меч на кој ние го исполнавме зацртаното, да останеме непоразени во Виена. Тоа и го сторивме, сега се е во наши раце – истакна тренерот на гостите Марио Беен.
Домаќините добро го отворија мечот, го контролираа текот на играта, но не успеваа по сериозно да се заканат кон голот на 208 см високиот Ласло Котелст (највисок фудбалер во групата фаза од Лигата Европа).
Гостите кои допатуваат во Виена да не загубат, организирано се бранеа и преку полуконтри ја чекаа својата шанса. Токму по една таква ситуација домашниот голманот Новота реагираше невнимателно во казнетиот простор , а турскиот арбитар Фират Ајдинис покажа на белата точка. Сигурен егзекутор на најстрогата казна беше дефанзивецот Серигне Мбоди.
Примениот гол воопшто не ги поколеба “зелено- белите“, кои понесени од публиката уште пожестко нападнаа кон голот на Котелст .Наградата за таквата игра стигна во 40 минута кога американскиот интернационалец Теренс Бојд од непосредна близина со глава ја затресе мрежата за експлозија на “Пратер“.
Еуфоријата од теренот се пренесе на трибините, а уште не соземени гостите претрпеа нов удар. За само 4 минити погоди повторно Бојд, повторно со глава за водство од 2-1 по првото полувреме.
– Одигравме доста добро, имавме и предност која на жалост не успеавме да ја задржиме. Ние сме млада екипа која се уште учи од натпревар во натпревар. Играме се подобро, но ете и по трет пат во Европа не успеваме да се израдуваме на победа. Силно посакувавме да победиме да ја споделиме радоста со нашата фантастична публика, која вечерва беше повеќе од одлична. Тие се едноставно неповторливи, горд сум што го носам овој дрес поради оваа публика – рече Бојд, кој во “супермен- стил“ го прослави првиот погодок на мечот.
На стартот на вториот дел повторно домаќините тргнаа во напад. “Евроџокерот“ Шауб ја имаше најубавата можност но неговиот удар заврши за малку над голот. Отворената игра остави доста простор за контранападите на Генк. Гостите одиграа уште една “супер“ контра и по додавањето на Камус, погоди Буфел и по еден час игра на семфорот стоеше 2-2. По примениот гол концепцијата на Рапид се растури. Фосен имаше можност да стави крај на надежите на домаќините, но во “еден на еден“ ситуацијата Новота го скроти неговиот удар и ја продолжи надежата за триумф кај домашната публика.
Последните 15 минути од мечот му припаднаа на домаќинот. Бургшталер и Беренд внесоа свежина во играта, а ударите од далечина на германскиот интернациналец Беренд со крајни напори ги смири Котелст.
По последниот судиски свиреж, измешани емоции на трибините. Домаќините се уште немаат пораз, но ремито е скоро елиминациско и на сите им е јасно тоа. Гостинските навивачи (околу 2 илјади) кои допатуваа во Виена задоволни ја напуштаат австриската престолнина. Ремито за нив е рамно на триумф.
– Навистина многу ми е жал, дадовме се од себе, се обидовме на секој начин да стигнеме до трите бода против ваков тежок противник каков што е Генк. Бевме во текот на целиот меч тука блиску и мислам дека скапо ја продадовме нашата кожа. – истакна дефанзивецот на Рапид Марио Сонлајтнер.
На две рунди пред крајот Генк е лидер во групата со 8 бода. Втор е Динамо Киев (7 бода) кој како гостин славеше кај швајцарскиот Тун со 2-0. Тун и Рапид (по три бода) теоретски се уште може да се квалификуваат во понатамошната фаза.
– Нема што да им замерам на моите фудбалери. Горд сум на нив, а и тие треба да бидат горди на тоа што го одиграа. Генк е сериозен противник, лидер во Белгиската лига.Доста претрчавме, имавме убава можност и да победиме. Пласманот понатаму е се уште возможен и ние ќе се надигруваме до последната минута од секој меч. – рече тренерот на Рапид Зоран Баришич.
Генк нема пораз од Август
Последниот пораз белгиски Генк го претрпел на 17 Август од Локерен со 3-1. Од тогаш па наваму, во шампионатот во десет меча забележаа 8 победи и две ремија. По двете победи во плејофот за пласман во Лигата Европа, по четири одиграни кола во групите имаат биланс две победи и две ремија. Клубот кој во последните неколку години е во врвот на белгискиот фудбал (2011 првак на Белгија, 2013 освојувач на купот) доста води грижа и за развојот на младите фудбалери.
Последните “анонимуси“ кои го напуштија овој клуб се Кевин Де Брујн (Челси), Кристиан Бентеке (Астон Вила) и Тибаут Куртос (Атлетико Мадрид) и тројцата актуелни членови на белгискиот нацинален состав кој обезебди директен пласман на СП во Бразил наредната година.
Пратер не им е омилен – но “Пратер“ им буди убави спомени но не е омилен кај навивачите на Рапид. На “Пратер“ паѓаа тимовите во походот кон финалето во Уефа купот во 1996 година,( Спортинг, Динамо Москва, Феенорд). Походот заврши со пораз во финалето од ПСЖ со 1-0 во Брисел.
– Публиката е многу далеку од теренот. Не можеме во врат да им дишеме на гостинските фудбалери. Но ако некој може навистина да го растресе “Пратер“ тоа сме сигурно ние – велат загреаните навивачи на Рапид.
Во втората белгиско – австриска пресметка од Лигата Европа, лидерот во Австрија Ред Бул Салзбург со 3-1 како гостин го совлада Стандард Лиеж и го осигура првото место во Ц групата.
Покрај Салзбург “четири од четири“ имаат уште Фиорентина и Тотенхем. “Виолетовите“ со голот во судиското надополнување на Валеро славеа со 2-1 во Романија кај Пандурии, додека со истиот резултат Тотенхем дома го совлада Шериф.
Од Виена, Австрија : Мирко Постоловски