„ Охрид и Република Македонија треба да изнајдат начин да се заблагодарат на големиот учител, основоположник на словенската и македонската писменост, големиот црковен деец и просветител Св.Наум Охридски Чудотворец. Затоа предложивме во Охрид да се изгради споменик на овој светител, чиешто име и животно дело се нераскинливо врзани со името на македонскиот град на светлината.
Така како што течеше неговиот животен пат, паралелно со животот на големиот деец и заштитник на Охрид Св. Климент Охридски, така и неговото спомен обележје треба да се најде во близина на споменикот на големиот Св.Климент. Како најсоодветно место за поставување на споменикот го предложивме Градскиот плоштад, односно просторот пред Рибниот Ресторан и сме благодрани што Советот на општина Охрид ја прифати оваа наша иницијатива.
На овој начин ќе се заокружи споменичниот комплекс кој што го сочинуваат, покрај Св. Климент Охридски, и учителите на Св. Климент и Св.Наум, големите солунски просветители Св. Кирил и Св. Методиј.
Овој споменик освен што ќе биде симбол на одбележувањето на историскиот великан, убедени сме дека ќе има и важност за натамошниот развој на туризмот во градот.
Исто така изразуваме голема благодарност на Министерството за култура коешто ја прифати нашата иницијатива и кое ќе биде главен носител на активностите за подигање на ова спомен обелжје. Благодарни сме што и покрај огромната финансиска криза Владата и Министерството за култура ќе изнајдат средства со кои ќе се реализира изградбата на спомен обележјето на Св. Наум Охридски.
Изразуваме огромна благопдарност и до невладините организации, интелектуалците и сите грѓани кои ја подржаа оваа идеја и се надеваме дека понатака заеднички ќе работиме во нејзина реализација. Медиумите од Охрид имаат несомнено значење во релизацијата на оваа идеја и без нив афирмацијата и реализацијата е невозможна. Затоа сме благодарни на досегашната соработка со надеж за уште поинтензивна соработка.
Спремни сме да го вложиме сиот наш професионален и личен потенцијал, кредибнилитет и авторитет во понатамошната реализација на оваа идеја и се надеваме дека достојно ќе ја одбележиме 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум“, се вели во соопштението на пратениците Николовски и Грозданов.