Пратениците во Собранието не гласаа за предлог-измените на Деловникот за работата на законодавниот дом, откако, по повикот на претседателот Трајко Вељановски, членовите на опозицијата не дојдоа во салата.

Како што јавува „Макфакс“, по денешната расправа, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, Вељановски побара половина час пауза, со цел, членовите на опозиционите партии да дојдат во Собранието и да се произнесат во однос на предлог-измените на Деловникот. Откако тоа не се случи, Вељановски ја прекина седницата.

„Ако сакаме да се интегрираме во европското семејство, ако сакаме државнички одлуки, треба, пред се, овде, во овој наш заеднички парламентарен дом да бидеме интегрирани за суштинските работи. Сепак, како и да не води судбината, наша и моја обврска е да бидеме оптимисти, постојано да подаваме рака и да укажеме на заедништво и на вистински пат кој не води напред. Во оваа смисла, рака е подадена постојано од моја страна и отворена за изгласување на овој заеднички усогласен текст на Деловникот“, рече Вељановски.

Изгласувањето на измените на Деловникот со консензус се толкуваше како порака за функционирање на политичкиот дијалог во земјата, што требаше да биде испратена пред одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, закажан за следната недела.

Груевски: Пратениците на СДСМ ја исполнуваат желбата на Црвенковски

Премиерот Никола Груевски  оцени дека со недоаѓањето на опозициските пратеници на седницата на која се расправаше за предлог-измените на Деловникот е, како што рече, исполнување на желбата на Бранко Црвенковски да и наштети на Македонија.

Груевски вели дека биле прифатени сите барања на опозицијата и во потегот на опозицијата гледа ставање на партиските над националните интереси.

„И бидејќи немаат други забелешки почнуваат да уценуваат со други работи неповрзани со деловникот. Од тој аспект се гледа дека пратениците на СДСМ ја исполнуваат желбата на Бранко Црвенковски кој очигледно сака да наштети на наредниот извештај кој што треба да го добие Македонија, со тоа и да и наштети на државата. Повторно партиските интереси се ставаат пред државните“, рече Груевски.

Поради неприсуството на опозицијата, пратениците вчеране гласаа за предлог-измените на деловникот, што требаа да се донесат со консензус. Како причина за своето недоаѓање, од СДСМ го наведоа неприфаќањето на нивниот предлог за формирање на посебна собраниска комисија што би го контролирала трошењето на буџетските средства.

OhridNews
извор: „Макфакс“