Пратениците во Собранието денеска ги изгласаа измените на Законот за азил и привремена заштита на мигрантие, во кој меѓу другото е предвидено и регуларен престој на мигрантите од 72 часа, по што ќе мораат да ја напуштат земјата или да поднесат барање за азил.

Владата на седница во понеделникот вечерта ги усвои измените на Законот за азил и привремена заштита и по итна постапка ќе одат на расправа во Собранието. Со измените на Законот, секој мигрант што ќе ја мине границата ќе добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа, по што ќе мора да ја напушти Македонија или да побара азил. Ќе можат легално да платат превоз и други услуги.

Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.

Владата донесе одлука да се формира работна група од министрите за надворешни работи, за здравство, за полиција, локална самоуправа и социјала којашто ќе ги следи состојбите со мигрантите и ќе презема мерки и чекори во согласност со своите надлежности.

Граѓанските организации, исто така, во понеделник попладне побараа подобри услови за мигрантите сместени во Центарот за азил, а народниот правобранител, Иџет Мемети кој ги посети, констатираше дека живеат во нечовечки услови. Десетици мигранти загинаа на пругите низ Македонија, бидејќи досега јавниот превоз за нив не беше легален, па одеа пешки по пругите.

OhridNews