Пратеници од Охрид од владејачките партии се противат на предлог Нацрт деталниот урбанистички план за УЕ 17, според кој покрај хотелски објекти предвидено е во близина на спортскиот центар да се изградат и пет висококатници за времено домување.
Своите ставови тие ги искажаа на јавната средба со граѓаните што во рамки на мобилниот Парламент денеска во Охрид ја организираше граѓанската асоцијација „Мост“.
Според пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов, изградбата на објекти за времено домување, всушност ќе претставува нов „кинески ѕид“, сличен на оној во Скопје. Тој смета дека на СРЦ „ Билјанини извори“ не смеат да се градат згради и да се пробива пат кој според него ќе уништи цело фудбалско игралиште.
Пратеникот Александар Николоски, смета дека Охрид има концептуален проблем.
„Доколку сакаме од Охрид да правиме индустриски центар со 150.000 жители тогаш тоа е во ред, но доколку сакаме Охрид да остане туристички центар и како таков да се развива тогаш мора многу повнимателно да се урбанизира“, вели Николоски според кого Нацрт ДУП за УЕ 17 е лошо решение со кое ќе се скрати спортскиот коплекс во Охрид.
Според Ристо Трајковски, поранешен директор на СРЦ „Билјанини извори“ и познат спортски работник, чудно е како локацијата каде што се наоѓа спортскиот центар наеднаш се дели за потребите на урбанистите. Според него таа локација е исклучиво е наменета за изградба на спортски објекти, а не за станбени и деловни објекти. „Ние имаме комплетна документација која ја кажува вистината за спортскиот центар дека таа локација е исклучиво за изградба на спортски терени, а никако за стамбени и деловни простории и на таа локација може да се изгради само хотел кој единствено би бил во функција на спортистите и ништо друго“, вели Трајковски.
Дел од граѓаните кои присуствуваа на трибината обвинуваат дека зад се` се кријат лични интерси на локални моќници и дека некој дебело ќе се офајди од сето ова.
Нацрт ДУП за УЕ 17 опфаќа површина од над 45.000 метри квадратни на која е предвидено да се изградат два хотели, како и пет објекти за времено домување. Предлог нацрт планот неодамна во жестока расправа го усвои Советот на општина Охрид, а во тек е јавниот увид кој трае до 22 октомври.
На јавната средба на која се разговараше за урбанистичките проблеми во Охрид не присуствуваа пратеници од опозицијата, ниту градоначалникот на Охрид Александар Петрески, кој според организаторот бил уредно поканет.
Од општинскиот Сектор за урбанизам, тврдат дека „спорните“ објекти не се згради за живеење, туку угостителски објекти за времено домување од типот на пансиони и дека нивната изградба е во согласност со ГУП.
Г. Момироски