Цветко Грозданов, пратеник од Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е полесно повреден во сообраќајна несреќа што утрово се случила на магистралниот пат Охрид-Кичево кај месноста Пресека, во која учествувале патничко моторно возило Хјундаи Гетц, со кое се превезувал пратеникот и камион шлепер. Пратеникот Грозданов по несреќата веднаш е префрлен во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо во Охрид. Тој е надвор од животна опасност и врз него како што ни соопшти лекарскиот тим се извршени сите потребни испитувања кои не покажуваат повреди опасни по животот.

Пратенокот Грозданов има  повреда на главата, односно линеарна фрактура (скршеница) на задниот дел од черепот, ни изјави директорот на „Констозглобна“, д-р Митко Тилевски. „Пациентот во нашата болница е примен утрово во 10:45 по направена сообраќајна несреќа кај Пресека. Направени се сите анализи, и тој сега е сместен во одделот за интензивна нега во стабилна општа состојба која и понатаму ќе се следи,“ рече Тилевски.


Пратеникот Грозданов по несреќата бил префрлен во „Коснозглобна“

Екипата на Ohridnews го посети пратеникот Грозданов кој се чувствува добро и е контактибилен. „Се чувствувам добро и очекувам да бидам пуштен дома уште утре,“ ни изјави Грозданов.

Пратеникот Грозданов се сеќава на детали од сообраќајната несреќа, која како што ни рече се случила на превојот Пресека од Кичевска страна.

„Патот беше подмрзнат и возев околу 50 km/h, побрзо и не можев. Се спуштав надолу кога здогледав дека шлеперот вози по мојата десна лента. Се обидов да го избегнам и свртев во лево, но и камионот сврте во истиот правец по што јас се вратив во десната лента но не можев да го избегнам судирот, затоа што 25m долгиот шлепер ги имаше попречено сите три коловозни ленти. Единствено што можев да направам во моментот беше да удрам во тркалата на шлеперот во што успеав, бидејќи, во спротивно ќе влезев под камионот“, ни изјави пратеникот Цветко Грозданов.


Повредениот Грозданов е надвор од животна опасност

Како што дознаваме прв на местото на несреќата пристигнал пратеникот од ПЕИ, Фиат Цаноски, кој со друго возило исто така патувал за Скопје на  седница во Собранието. Грозданов во костозглобната болница го посети и пратеничката од НСДП Мирјана Секуловска, како и негови пријатели и роднини, а за неговото здравје се интересирал и премиерот Никола Груевски.

МВР ја потврди сообраќајната несреќа која според официјалниот записник се случила во 09ч. утрово. Во неа учествувале пмв Хјундаи Гетц, управувано од пратеникот Цветко Грозданов (43) и товарно возило-шлепер со косоваки регистарски таблички, управувано од А.К.(50) од Урошевац. Спорд МВР во моментот на несреќата товарното моторно возило престигнувало друго товарно возило.

Увид на местото на несреќата извршиле полицијата, заменик јавен обвинител и истражен судија. Истрагата за причините за несреќата е во тек.

Горан Момироски