Пратеникот од Охриуд Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ денеска на собраниската седница за пратенички прашања постави три прашања, првото „зошто се лажат заболените од цистична фиброза и не им се набавува терапија?“, второ, „зошто и како е можно корупцијата да биде кај третиот и четвртиот ешалон и дали со тоа се праќа порака дека првиот и вториот ешалон се заштитени?“, и третото за новите вработувања во јавниот сектор со пратиски војници.

Заболените со цистична фиброза немаат ниту модуларна, ниту инхалациона терапија. Како држава имаме потфрлање и два месеци го нема лекот кој е дел од модуларна терапија, а министерот Филипче на почеток на јули рече дека ќе го има за една недела сега е крај на јули. Нема лекови и од инхалационата терапија за цел јули нема терапија, а се шпекулира дека тендерот ќе заврши тендер во август. Ова е лоша грижа за пациентите од ова ретко заболување. – рече Пецаков.

Пратеникот се осврна и на констатациите на Стејт департментот според кој има корупција во високи ешалони, а премиерот Заев рече дека е сконцентрирана кај третиот и четвртиот ешалон. Дали со ова Заев го охрабрува првиот ешалон, праша Пецаков.

Стејт департментот имаше обвинувања за корупција во полиција, судство, дека не се пишуваат законите врз основа на анализи и се користи кратка постапка за усвојување на истите, дека има правна непредвидливост, нетранспарентни јавни набавки, дека одговараат „ситни риби“. Извештајот го потврдува она што го зборува ВМРО-ДПМНЕ. – рече Пецаков.

Пратеникот од Охрид ги критикуваше и новите вработувања во јавниот сектор и побара да се прекине, како што рече, со предизборен поткуп, партизација и приватизација на јавниот сектор.

Бројката на администрацијата се намалува и тоа го потврдуваат сите официјални бројки. Но, државата мора да продолжи со нејзина рационализација и допрофесионализација, одговори премиерот Зоран Заев.

Според Заев, денес може да се каже и дека е направен сериозен исчекор кон департизација на администрацијата. Но, како што порача, реформите за ефикасна, ефектна и професионална јавна админситрација мора да ги поддржи и Собранието.

Вработувањата во последниов период, информира, се заради пополнување на испразнетите места – пензионирања и заминувања на некои граѓани во приватниот сектор. Овие позиции, објасни Заев, поради короната не можеа да се пополнат зашто финансиите од Буџетот беа насочени пред се кон поддршка на економијата и здрваството.

Реформите во јавната админситрација треба да бидат поддржани од Парламентот, посебно законите кои во септември ќе бидат на дневен ред. Тие се изработени од експерти, зборуваат и со опозицијата и ќе ги почнат сите разговори паралелно со владејачките партии со цел реформата да ја поминеме заедно. Верувам дека можеме да успееме во тоа. Транспарентноста е најголем сојузник во департизацијата на администрацијата и нејзината професионализација, а со новите законски решенија верувам дека ќе го унапредиме процесот кој сите тежнееме, истакна Заев, одговорајќи на прашањето на пратеникот Кирил Пецаков.

Заев посочи дека од 165.000 во 2017 година, администрацијата денес е сведена на 132.000.

Администрацијата за мене е и Заев и министрите и замениците министри, сите, и јас и останатите. Бројката продолжува да се намалува и тоа го потврдуваат официјалните бројки. Најмногу е застапена во јавните претпријатија на локално и државно ниво. Но, државата треба да продолжи со нејзина рационализација. Последната 1,5 година поради Ковид-мерките парите беа насочени за економијата и болните од корона. Точно година и пол немаше соодветно пополнување на испразнетите места за кои администрацијата имаше потреба, едни одат во пензија, други заминуваат во приватниот сектор, рече премиерот.

Негова оценка е дека веќе граѓаните, поради повисоките плати, се почесто се одлучуваат за приватниот сектор и тоа, нагласи, е добро. Конкурсите, пак во јавната администрација се со засотрени критериуми, што повторно е во насока на што поголема професионалност и ефикасност.

Пратеникот Пецаков рече дека не е задоволен од одговорот и изнесе бројки за актуелни, според него, партиски вработувања.

Г.М.