Локалната самоуправа во Охрид треба да потпадне под принудна управа смета пратеникот од ВМРО ДПМНЕ од Охрид, Цветко Грозаданов. Тој денеска ги отфрли обвинувањата дека е главен виновник за тоа што Охрид не влегол во втора фаза од децентрализација за што неодамна на прес конференција беше прозван од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
„Не знаев дека сум бил толку моќен да го забавам процесот на децентрализација“, иронично констатира Грозданов кој рече дека „не е прв пат градоначалникот Петрески да дава неточни информации во јавноста“. Според него единствена причина зошто Охрид не влезе во втора фаза од децентрализацијата е неисполнување на законските услови што се наведени во официјалното образложение што тој го побарал од министерството за финансии.
„Не знаев дека сум толку моќен“. Цветко Грозданов
Во него стои дека согласно евалуацијата што ја извршиле претствницте на ЗЕЛС, Андреј Петров и Коце Трајаноски, било утврденио дека Охрид има 86,40 поени, но според законот општините кои имаат над 85 поени, а имаат блокирана жиро сметка што е случај со општина Охрид не можат да преминат во втора фаза на децентрализација. При повторната евалуација пак што била извршена во ноември оваа година било утврдено дека општина Охрид не го задоволува потребниот минимум поени, односно имала 84,86 поени, стои во образложението што Министерството за финансии го доставило до пратеникот Грозданов.
Тој на денеска одржаната прес конференција уште еднаш повтори дека општина Охрид треба да биде прогласена за, како што рече, „нестабилна општина“ и да се формира работна група чија основна цел ќе биде да ги врати долговите кон доверителите. Грозданов смета дека во изминатите две години општината не направила ништо за да ги врати долговите а биле изградени голем број хотели и станбено-деловни објекти кои за таа намена на општините и платиле комуналии. Според пратеникот Грозданов државата веднаш треба да интервенира во охридската локална самоуправа за да и помогне да излезе од незавидната состојба затоа што како што посочи од 1.1. 2008 таа веќе не ќе може како инструмент за финансиско работење да користи цесии и слични законски форми кои од наредната година ќе бидат забранети во работењето на општините.
Наспроти ова, градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој е на службено патување во САД, неодамна го обвини пратеникот Цветко Грозданов како еден од главните виновници зошто Охрид не влегол во втора фаза од децентрализација. „Парадоксот да е поголем долговите на општина Охрид се направени во време кога на нејзино чело беше политичката партија која сега е на власт на централно ниво“, рече тогаш Петрески кој посочи дека општина Охрид има вратено 60% од долговите. Повеќе од тоа не можеме и затоа е потребно да се променат подзаконските акти со кои се лимитираат општините да одат во втора фаза на децентрализација, додаде Петрески. Тој информираше дека упатил предлог до Министерството за финансии да дозволи задолжување на општина Охрид со кредит со кој би се подмириле долговите. Постои притисок да не се одобри тоа од пратениците од Охрид претежно од Цветко Грозданов кој упатува закани до министрите, Охрид да не влезе во втората фаза од децентрализацијата за да не биде општината успешна, со што нему би му се намалиле шансите да се кандидира за градоначалник, рече Петрески.
Горан Момироски
фото: С. Костоски