Основниот кривичен суд во Скопје денеска информираше дека во целост е прифатено обвинението за предметот „Моќник“, со кое е обвинет пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и уште 12 други лица, пишува порталот „360°“.
Сега предметот, според електронскиот АКМИС, ќе се распореди кај судија, кој ќе треба да го закаже рочиштето за старт на судскиот процес.
Пратеникот е третообвинет и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. Другите десетмина опфатени со обвинителниот предлог се претседателот на поранешната Комисија за лустрација Томе Аџиев и девет члена на Комисијата. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.
„Моќник“ – прва истрага преземена од СЈО за која редовните обвинителства поднесоа обвинение
Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.
Партијата ВМРО ДПМНЕ, чиј висок член е Молошоски, смета дека пратеникот е цел на политичка одмазда поради неговите критики на актуелната власт.
OhriudNews
извор: „360°“