Геополитичката стабилност во светот се менува, потребно е процесот на проширување да продолжи и да почнат преговорите со земјата, беше истакнато на 22. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ. На состанокот беше нагласено дека е потребно да се одржува партискиот дијалог во земјата и да се постигне национален односно политички консензус. Поздравено беше донесувањето на новиот Деловник за работа на Собранието како начин за засилување на функционалноста на парламентот.
На состанокот, од страна на Собранието, учествуваа Соња Мираковска, претседателка на Делегацијата, Фиснике Бектеши-Шаќири, заменик-претседателка, членките Жаклина Лазаревска, Маја Морачанин, Иванка Василевска и Жаклина Пешевска, како и заменик-членката Сафије Садики-Шаини.
МПК, во чија работа заеднички учествуваат пратеници од Собранието на Република Северна Македонија и пратеници од Европскиот Парламент, претставува единствен ваков форум за директен парламентарен дијалог и интензивна соработка. Оваа размена се одвива преку редовни состаноци кои во текот на годината се одржуваат еднаш во Скопје, еднаш во Брисел или Стразбур, во зависност од тоа каде заседава Европскиот парламент.
Пратеничката Жаклина Лазаревска како воведничар на 6-тата точка од дневниот ред говореше на тема „Добрососедските односи и регионалната соработка“, а потоа се вклучи и во дискусија на 7-мата точка на тема „Медиуми и граѓанско општество“.
Беше нагласено дека граѓанските организации играат важна улога во реформскиот процес и во процесот на одлучување и дека во таа насока Советот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации треба да се зајакне од логистички аспект. Пратениците од Европскиот парламент го поздравија подемот за 52 места во годишните извештаи на Репортери без граници во изминатите две години, што ја става земјата на 38-то место од 180 земји и на највисокото од сите земји од Западен Балкан. Понатаму тие информираа за работата на Законот за слобода на медиумите во Европскиот парламент, кон кој Северна Македонија во иднина ќе мора да се прилагоди. Медиумите и граѓанските организации беа означени како чувари на демократијата и оние кои ги идентификуваат грешките на креаторите на политиките.
Во однос на животната средина и енергетската криза пратениците информираа за Националниот енергетски акциски план на Северна Македонија за 2022-2023 кој има за цел да ги заштити потрошувачите и нивниот животен стандард од директното влијание на растот на цените на енергијата и храната, кој вклучува низа мерки за поддршка на економијата и на граѓаните, како и мерки за подобрување на законодавството и изготвување на стратешка документација со цел усогласување со законските регулативи на ЕУ, овозможување фер енергетска транзиција и спроведување на пакетот за чиста енергија.
На состанокот беше презентиран и текот на Жан Моне дијалогот кој се водеше под покровителство на пратеницте од Европскиот парламент кој започна во 2018 година и имаше за цел унапредување на евроинтегративниот процес на земјата и на политичкиот дијалог во Собранието. Дијалогот беше финализиран со усвојување на новиот Деловник за работа на Собранието кој беше донесен на 20 ноември а ќе започне да се применува во следниот состав на Собранието а треба да придонесе за поголема ефикасност на законодавниот дом.
На крајот на состанокот, пратениците на Собранието и на Европскиот парламент усвоија заеднички Препораки кои опфаќаат повеќе аспекти на меѓусебните односи, а ќе бидат упатени до институциите на Европската унија и на институциите во Северна Македонија.
OhridNews