Платите за месец октомви на вработените во основните и средните училишта во Охрид се блокирани, односно не се исплатени, поради постапка за утврдување на основот по кој пред меколку месеци е извршено зголемување на платите на техничките секретари во училиштата во градот, што ја отвориле надлежните министерства.

Информацијата за OhridNews ја потврдија раководители на училишта и синдикатот на вработените во образованието и културата СОНК.

Како што дознаваме, врз основа на законот за државни службеници, минатата пролет, а наводно со одлука на  советот на општината, била извршена корекција на платите на училишните секретари, односно нивно значително зголемување. Во меѓувреме била покрената постапка пред надлежните институции и министерства за преиспитување на таквата одлука, што резултира со блокада на исплатата на платите на вработените во образованието во Охрид, се до расчистување на случајот, велат директори на училишта во градот кои ги консултираше OhridNews. Додаваат дека нив никој директно не ги информирал за проблемот и дека сега тие се ставени во непријатна ситуација пред вработените, иако немаат никаква поврзаност со случајот.

Инаку, во дописот кој Министерството за образование го доставило до општината се наведува дека е потребно да се преиспита одлуката за зголемување на платите на училишните секретари, односно истата да се пресметува врз основа на Колективниот договор за образование, а не според законот за државни службеници. Случајот го разгледуваат и соодветните инспекциски служби.

Вработените во образованието во Охрид се револтирани од одлуката на надлежните институции да се блокира исплатата на плати на сите вработени во училиштата и бараат таа итно да се отповика.

Г.М.