Тој истакна дека оваа изложба многу наликува на големата византиска изложба што се одржа пред 4 години во Метрополитен музејот во Њујорк. Охридските икони во Лондон биле однесени кон крајот на септември. „Посебно водевме сметка тие да бидат поставени според сите музеолошки стандарди и да бидат обезбедени неопходните микроклиматски услови за време на траењето на изложбата, што беше до најмал детаљ испочитувано од страна на организаторите, рече Георгиевски. Тој потенцира дека на изложбата во Лондон, за прв пат на исто место, ќе бидат изложени литиската икона Богородица Психосострија и Благовештение и уште една охридска литиска икона, која за жал денес се наоѓа во Белград, а која своевремено во 1933 година му била подарена на кралот Александар.
Вечерва ќе биде само свеченото отворање на изложбата за посебни гости, додека официјалното отворање за пошироката јавност е закажано за 25 октомври. Изложбата ќе трае до 22 март, кога иконите ќе бидат вратени назад.
А.Ристоска