Готвачите од најдобрите охридски угостителски објекти денес, во кујната на Факултетот за туризам и угостителство, имаа можност заедно да готват со еден од најпознатите американски готвачи, Кевин Сбрага, сопственик на неколку ресторани во Америка. Се подготвуваше традиционално американско јадење од пилешко месо, кое потоа секој од охридските готвачи го сервираше на свој начин.
– Чест ни е што Кевин, кој е многу популарен во Америка, за кратко е наш гостин. Сакавме тука, да пренесе дел од своето искуство и знаење за готвењето, да дојде до размена на искуства со охридските готвачи и да се поттикне креативноста во кујната која е многу значајна за развој на туризмот, изјави Кејтлин Турк, Аташе за култура и образование при Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, покровител на настанот.
Сбрага со позитивни впечатоци за македонската кујна и умешноста на охридските готвачи.
– Драго ми е што со македонските колеги заедно готвевме што за мене претставува прекрасно искуство. Од она што досега имав можност да вкусам во Охрид, можам да го издвојам мезето, но она што особено ми остави впечаток беше пастрмката, вкусна свежа риба, вкус кој никогаш нема да го заборавам, вели познатиот американски готвач.
Од ФТУ потенцираат дека ваквите искуства се од големо значење за збогатување на понудата во рестораните.
– Се собравме на едно место најдобрите готвачи од охридскиот регион кои имаа можност да готват со Кевин при што целта беше секој да научи нешто повеќе и да го збогати своето искуство. Утре гостинот од Америка ќе има сесија и демо презентација и пред нашите студенти, објаснува проф. д-р Ангела Василевска од Факултетот за туризам и угостителство.
Професор Василевска уште еднаш потенцира дека за гостинот во ресторан не е важен само добриот вкус на храната туку и начинот како таа е презентирана, додавајќи дека во охридксите ресторани тоа се повеќе се прифаќа и дека дел од нив веќе прават чекори напред во однос на сервирањето на храната.
Т.К.